Како што информира МОН, стипендијата е во месечен износ од 6.050 денари за девет месеци во текот на студиската година. Право на стипендија ќе имаат студентите запишани во прва година на додипломски студии кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија, студиски програми за изучување на македонскиот јазик и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти; да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании и да се државјани на Република Македонија.
„Критериуми за доделување на стипендиите се: успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование, со просек од сите четири години од најмалку многу добар; доколку кандидатот користел стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, добива дополнителен 1 бод за секоја година од користење на стипендијата“, наведуваат од МОН .
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk во периодот од 1.11.2025 до 15.11.2025 година.
„Стипендијата се доделува за толку семестри за додипломски студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање“, сопшти Министерство за образование и наука.
По повод јубилејот 80 години од усвојувањето на македонскиот јазик како службен јазик – 5 Мај, Министерството за образование и наука распиша и конкурс за есеј за учениците од основните и средните училишта. Во зависност од возраста и наставниот јазик, дадени се четири теми, а право на учество имаат сите ученици од четврто до деветто одделение од основните училишта и од прва до четврта година од средните училишта.
Еден ученик може да конкурира само со еден есеј, кој треба да биде оригинален, со силен израз и мисла која ја отсликува темата на конкурсот. За учениците од четврто до шесто одделение, есејот треба да има до 200 зборови, додека за учениците од седмо одделение основно образование до четврта година средно образование треба да има од 200 до 300 зборови.
Најдобрите есеи ќе ги избира посебна комисија, а учениците кои ќе освојат прво место на овој натпревар во секоја од четирите категории ќе добијат пригодна награда. Наградените трудови со шифрите ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука (www.mon.gov.mk), на 26 мај 2025.
Повеќе информации за начинот на пријавување се достапни во објавениот конкурс.