„Одиме кон пет проценти, за да немаме потреба некогаш да одиме кон 30-40 проценти, како што трошат некои држави кои имаат конфликти на својата територија“, изјави Муцунски, додавајќи дека средствата ќе опфатат не само воена модернизација, туку и инвестиции во инфраструктурата, сајбер-безбедноста, па дури и иновации и стартап компании.
На прес-конференција на која беше презентирано сработеното во првата година од мандатот на новата Влада, министерот потенцираше дека оваа цел е усогласена со НАТО-стандардите и дека сите земји членки на Алијансата ја поддржуваат стратегијата.
„Не само ние, туку сите земји членки на НАТО. Тоа беше одлука донесена со консензус во рамките на Алијансата. Сите набавки и мерки што ги презема Министерството за одбрана за модернизација на нашата армија ќе се вкалкулираат во тие 5 проценти“, рече шефот на дипломатијата.
Дополни дека трошоците ќе бидат проширени со аспекти кои досега не биле вклучени во дефиницијата на минималниот праг од 2 проценти. Како пример за тоа ги наведе инвестициите во нато-коридорите, инфраструктурата со стратешко и трговско значење, како и капацитетите за сајбер-безбедност.
„Во рамите на овие пет проценти ќе има многу алатки кои ќе ни носат сигурност, но можат да бидат и мерки за стимулирање на домашната економија и за развивање на нови компании, за засилена индустриска база во делот на производство на наменска опрема. Тоа ќе отвори одлични работни места и ќе ја задоволи потребата од диверзификација на производствените капацитет“, додаде Муцунски.
Според него, ова се историски, генерациски одлуки, кои ќе останат релевантни и за идните влади и ќе обезбедат долгорочна стабилност под НАТО-чадорот.