понеделник, 14 јули 2025

Митева: Објектот на МВР на Пониква на располагање на пациентите од несреќата во Кочани

Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на  повредените во пожарот во Кочани, изјави денеска портпаролката на Владата Марија Митева.

Објавено на

часот

Сподели

Според неа, одморалиштето има 27 соби и 56 легла, а е лоцирано во природна и мирна средина што го прави погодно за пациентите.

„Станува збор за пациенти кои се веќе стаблизирани, но за кои постои потреба од натамошен третман. Тие ќе се распределат во неколку групи и ќе им се обезбеди персонализиран пристап“, рече Митева.

Оваа мерка, напомена, е институционален одговор, „нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето“.

„Во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.
Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите.
Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба.
Особено важно е да се нагласи дека, според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување.
Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план“, рече Митева.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ