четврток, 12 февруари 2026

Мисајловски во Брисел: Здружени во НАТО можеме да го издржиме секој предизвик

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.

Објавено на

часот

Сподели

Мисајловски, како што информира Министерството за одбрана, се осврна на целите, приоритетите и на активностите што се преземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата, во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на алијансата, кое денес, како што наведе, е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.

„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот Мисајловски.

Тој посочи дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.

За модернизација, како што се наведе, годинава се одвоени над 32,5 процента од македонскиот одбранбен буџет, што е далеку над она што е предвидено да биде во согласност со НАТО-целите, односно одвојување 20 отсто од одбранбениот буџет за модернизација.

„Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана“, рече министерот за одбрана.

Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а „доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО-оценувањето, кое претстои во април оваа година“.

Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамките на источното крило на алијансата така и во рамките на КФОР и АЛТЕА сѐ со една цел – мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.

За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напори на САД за воспоставување мир во Украина и на европскиот континент.

По завршувањето на состанокот, министерот Мисајловски замина за Минхен, каде што ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција, која ќе се одржи од 13 до 15 февруари 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ