„Имаме основана доза на скептицизам, бидејќи изјавите на повеќе официјални лица на соседна Бугарија звучат слично како изјавите на официјалните лица на Москва за самобитноста на украинскиот народ и јазик. За жал, во 21-от век не би требало нормалниот човек тоа да го очекува, но се уште има рецидиви од минатото. Не ни треба нечија потврда за постоењето, туку ни треба само потврда за вистинските и искрени или скриени намери на соседна Бугарија“, рече Милошоски.
Тој вели дека кога би биле во позиција на некоја од скандинавските земји, каде што нема негирање на самобитноста на еден народ и јазик, ние не би имале потреба од заедничка резолуција.
„Но, кога гледаме дека Бугарија дипломатски и политички атакува на самобитноста на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик ваквите иницијативи можат да бидат корисни. Има скептицизам дали ќе биде прифатено или не, доколку биде прифатено би било позитивно за Македонија, а доколку биде одбиено тогаш барем ќе знаеме на што сме, дали имаат искрени и чесни намери или задни намери. Наша обврска е да понудиме нешто разумно и аргументирано, нешто што ќе значи заемна почит на македонскиот народ кон бугарскиот и обратно. Дали ќе биде прифатено или не, да почекаме во следниот период“, рече Милошоски.
Според него, состојбата во која сега се наоѓа Македонија е резултат на потпишувањето на, како што рече, контроверзни анекси на Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Затоа прифаќаме критика и од академската фела, прифаќаме сугестии и од јавноста. Но, во секој случај, се обидуваме да поправиме одредени штетни последици, коишто настанаа како резултат на ваквите лесни потписи во име на државата, а коишто сега ги трпиме како штета на идентитетот и самобитноста на македонскиот народ и нашиот јазик“, вели Милошоски.
„Ова веројатно немаше да биде воопшто потребно, ваквото трошење на ресурси, дипломатски, политички државни на оваа тема доколку Заев, Никола Димитров, Бујар Османи, Бојан Маричиќ и другите лековерно не ги потпишаа Договорот за добрососедство и сите непотребни би рекол и контроверзни анекси кои што ги надоврзаа на истиот“, кажа Милошоски.
Тој додаде дека критиките се добредојдени од јавноста, но последиците се поради претходната власт која го загрози идентитетот и самобитноста на македонскиот народ.






