петок, 9 јануари 2026

Миланов: Нема компромис кога се работи за безбедноста на храната

Шербет што се продавал како мед, маслиново масло, минерална вода, пилешки стекови, јајца, колбаси, мелено месо и сладолед, се само дел од производите кои во 2025 година биле нештетно уништени поради утврдени неправилности. Како што вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, од 1 јануари до 15 декември 2025 година се евидентирани вкупно 903 иницијативи за вршење вонредни контроли. Постапено е по 683 од нив, а 220 се во постапка.

Објавено на

часот

Сподели

„Независно дали станува збор за мој или ваш колега, пријател, роднина, познаник, министер – буквално за никого нема толеранција, ниту компромис кога се работи за безбедноста на храната“, порачува Миланов во разговор за МИА.

Тој ја резимира 2025 година, осврнувајќи се на спроведените контроли, изречените мерки, но и на поднесените претставки од граѓаните.

Информира дека само во школите каде има сендвичарници, пекарници и маркети, се реализирани 496 контроли. Притоа, поголемиот дел од операторите добиле финансиски и прекршочни казни зашто не ги исполнувале потребните барања. Утврдени биле различни пропусти: храна со поминат рок, несоодветно чување, приготвување во нехигиенски услови,…

Откако е дојден на функцијата, напоменува, покрај редовните, вовел и вонредни инспекции.

Во врска со храната, нејзиното третирање, чување и употреба, Миланов укажува дека треба, не само институциите, туку и граѓаните да бидат максимално одговорни.Од 1 до 15 декември 2025 година се евидентирани вкупно 903 иницијативи за вршење вонреден инспекциски надзор. Постапено е по 683 од нив, а 220 се во постапка. Најчести наводи во иницијативите се: непочитување на Добра хигиенска пракса и НАССР, вкупно 88, продажба на производи со поминат рок на употреба, 61, работа без одобрение, 56, сомнеж за труење со храна, 48, присуство на контаминенти во производ, 43, продажба на производи со променети органолептички својства, 37, измама на потрошувачи, 34, сомнеж во безбедноста на храната, 17, неодговорно сопствеништво, 131, напад и каснување од куче, 62“, вели Миланов.

Нештетно уништени прехранбени производи во рамки на постапувањата по иницијативите за инспекциски надзор се: 22 килограми небезбеден производ (саламурен пилешки стек кој е со несоодветно означување, на декларацијата не се наведени датум на производство и датум на замрзнување), 300 грама димено свинско месо без декларација и една тегла (465 грама) варено свинско месо без декларација и без потекло, 23 328 парчиња природна минерална вода од 0,5 литри со рок на траење до 10.12.2025 година, 10 килограми небезбедна храна, 15 килограми небезбедни производи, 65 тегли мед (шербет), 57 литри маслиново масло, 6 килограми боја за јајца без соодветна декларација и 22 табли (660 јајца) без означување, 6 килограми колбаси со непознато потекло, 70 килограми мелено месо и 4 јагниња (60 килограми), замрзнати лепчиња, тортиљи, ќебапи без потекло и декларација, 260 килограми небезбедни производи, пет килограми замрзнати плескавици без потекло и без декларација, 38 пиксли сладолед и 3.000 парчиња (тегли) сладолед.

Според Миланов, од јануари до октомври се спроведени 90.275 инспекциски надзори.

„Во однос на храната од животинско потекло, годинава, заклучно со 31 октомври, спроведени се 15.542 контроли, издадени се 1.852 решенија за отстранување недостатоци и 270 платни налози. Како небезбедна уништена е храна во вкупна количина од 275.609 килограми. Во однос, пак, на храната од неживотинско потекло спроведени се 10.207 инспекциски контроли. Уништени се 41,328 килограми небезбедна храна и изречени се 1.002 инспекциски мерки. Во истиот временски период, до 31 октомври, увезени се 37.581 пратка со храна од неживотинско потекло и 8 706 пратки со материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Притоа, забранет е увоз на 5 пратки со храна, во количина од 46,570 килограми која е нештетно уништена“, нагласува директорот.

Од почетокот на 2025 година до средината на декември се извршени и 15.565 инспекциски контроли при увоз на храна од животинско потекло.

„При спроведување официјални контроли на граничните премини, годинава се вратени вкупно 16 пратки со производи од животинско потекло, додека три пратки се уништени согласно важечките законски прописи. Пратките опфаќаа различни категории производи, меѓу кои: пилешко месо, сувомесни производи, мешовити производи, храна за домашни миленици, како и други производи од животинско потекло. Причини за преземените мерки се од различна природа и вклучуваат: недоволна или несоодветна придружна документација, потекло од регион за кој е воведена забрана за увоз, како и несоодветни услови на транспорт при увоз…“, вели Миланов.

Во 2025 година се пристигнати и проследени вкупно 21 нотификација преку РАСФФ системот.

Одбиена пратка од граница за извоз на небезбеден свеж кељ со наод Imidacloprid со потекло од Македонија, увоз на пилешки МОМ со салмонела, увоз на замрзнато свинско месо со бензимидазол со потекло од Полска, извоз на македонски ајвар со стаклени фрагменти, извоз на македонски бисквити со сулфити над максимално дозволени концентрации, увоз на романски пилешки копани со кожа со салмонела, стакло во вегански песто со потекло од Италија, одбиени пратки од граница за извоз на македонски свежи црвени пиперки со форметанат и хлорпирифос, миграција на олово и кадмиум во стаклени чаши со потекло од Кина, се само некои од нотификациите.

„Од вкупно 21 нотификација, девет се однесуваат на храна од неживотинско потекло од нашата земја заради направен извоз и 3 за пратки од увоз. Осум се однесуваат на храна од животинско потекло поради направен увоз. Една нотификација е за материјали кои доаѓаат во контакт со храна поради направен увоз од Кина. По сите 21 нотификација пристигнати во 2025 година е постапено, освен за последните четири нотификации за кои постапувањето е во тек“, подвлекува Миланов.

Интересен е доменот на претставките што ги поднесуваат граѓаните – рекламирање кафе со повисока цена од продажната и без подарок (пријавено како измама на потрошувачи), купен домат што во внатрешноста бил целосно несозреан (зелен), забележан пајак од родот Тарантула, менување на цената на производите (јајца), пајажина врз пакување чипс во маркет,…

„Околу 80 отсто од претставките на граѓаните се издржани. Покрај пријавите во делот на прехранбените производи, пристугнуваат и пријави за неодговорно сопствеништво од типот: миленик се чува на ланец, без вода и храна, лае, затворен е по неколку дена. Би повторил дека постапуваме по сите пријави, но само доколку се во наша надлежност и издржани. Постојано е отворен и нашиот бесплатен телефонски број 0800 3 2222 на кој може да се пријави каква било неправилност. Иницијативите некогаш се отфрлаат, а некогаш има и лажни. Ако се во ред, реагираме веднаш. Со инспектори излегуваме на терен. Во општините низ државата подрачните инспектори ги преземаат потребните мерки за да и се одговори на странката во најкус можен рок“, истакнува директорот.

И тој, вели, како човек, а потоа и како прв човек на АХВ, сака да јаде безбедна храна. Но, одговорност, освен институциите, мора да имаат и граѓаните (потрошувачите).

„Не може да очекуваме дека храната ќе биде безбедна ако во летните месеци, на пример, цело време ја носиме со нас во автомобилите на 40 степени и дури попладне или вечер ја земаме дома и ја јадеме. Истото важи и за чувањето или складирањето кое апсолутно треба да биде соодветно. Значи, мора и ние да бидеме одговорни, да водиме сметка. Ние како надлежна институција максимално се трудиме, само, сепак, мора да бидеме и реални, не може на секој оператор со храна да има по еден иснпектор“, напоменува Миланов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ