На новинарско прашање за планот на Владата како Македонија ќе стане енергетски независна, Мицкоски рече дека очекува уште годинава да се постигне избалансирано производство и потрошувачка на електрична енергија.
„Очекувам оваа година, вкупното производство на електрична енергија кај нас дома да биде еднакво на потрошената. Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме, да, ќе увезуваме, но во одредени период ќе извезуваме. Кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до бројка која ќе биде избалансирана уште оваа година ќе биде така“, изјави Мицкоски, по присуство на настан во Општина Кисела Вода.
Претпоставувам, дополни, јавноста е сензибилизирана од страна на опозицијата и се поврзува со меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „Акса“ за инвестиција во вредност од милијарда евра, бидејќи така беше и за „Алказар“, тврдеа ќе имале повластена цена, видовте ниту има повластена цена ниту има какви било бенефиции компанијата.
„Во рок од една година компанијата стави камен телемник на својата инвестиција која ќе биде половина милијарда долари, тоа за претходната влада беше научна фантастика. Таму се сеќавате се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на електрична енергија, итн,. Ние преговараме за исклучиво пазарно ориентирани инвестици. Да, како Влада ќе го преземеме институционалниот ризик да олесниме, нема како во минатото да се бара мито, нема да се ставаат вештачки препки во рамки на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи и затоа работите одат брзо и ефикасно. Така ќе биде и со компанијата Акса“, рече Мицкоски.
Со таквите инвестиции, посочи дека ќе се исполнат заложбите за гасификација, почист воздух.
„Сите велат сакаме гасификација, сакаме почист воздух. Ние рековме ќе треба време, не може преку ноќ. Еве почнуваме тоа да го правиме, да обезбедуваме инвестиција од милијарда евра, ќе обезбедуваат топлина, електрична енергија. Е сега тоа не им чини. Зошто? Затоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата направи нешто што за нив беше научна фантастика. Тие шетаа наоколу и нудеа бенефиции, ама играа пола-пола, така играа. Како беше она: Пола за оној,. пола за… И затоа никој не инвестираше. Сега се исклучиво пазарно ориентирани инвестиции без ниту еден цент повластување од страна на Владата. Не треба да се оди ниту во Мала речица, ниту на „Бихаќка“, па пола таму пола ваму, овде си е пазарно ориентирана инвестиција. Не треба да се купуваат трговски центри, скапи мајбах автомобили, не треба да се купуваат скапи дуќани во центарот на градот, ништо не треба. Само да се инвестира за доброто на граѓаните. Ете, тоа е разликата, од овие што сега од опозиција критикуваат, а седум години се што правеа беше криминал и мито, и оваа Влада која гради. Тоа е разликата“, изјави Мицкоски.
Минатата недела, Мицкоски и претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“ Шабан Џемаил потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвора патот за реализација на инвестиција во стратешки енергетски проект во земјава, вредна една милијарда евра.
„Проектот предвидува три главни компоненти, развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас“, изјави тогаш премиерот Мицкоски.






