„Јас сум убеден дека со истата динамика ќе продолжиме и понатаму. Главен фокус ни е, се разбира, развојот на државата, а во тој фокус значајно место има и здравството, да речам едно од клучните. Огромни средства од Буџетот, рекордни би рекол, се издвојуваат за здравството. И мене не ми преостанува ништо друго, освен да му честитам на директорот, на персоналот на Клиниката. Да се заблагодарам на министерот, на заменикот, на директорот на Фондот, на сите оние кои имаат свој дел во сето ова што се прави во здравството. Знам дека ова се можеби мали чекори, но големи во смисла дека години наназад ништо не е направено. Ова се чекори кои нѐ доближуваат да бидеме сѐ поблиску до квалитетот што треба да го почувствуваат граѓаните кога ја добиваат здравствената нега.
Продолжуваме и понатаму со истата динамика и во периодот којшто следи. Знаете дека интензивно планираме да инвестираме во здравството, тука е Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип. Тука е болницата во Кичево, заедно со Здравствениот дом. Тука е Клиничката болница и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово, така што, еден поширок зафат, би рекол, во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на такви процеси“, рече Мицкоски.
На отворањето на реконструираното болничко одделение на Клиниката за урологија присуствуваа и министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и директорот на Универзитетската клиника за урологија Башким Шабани.

Целосно е реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300 илјади евра. Од оваа сума, 100 илјади евра се обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади преку донации, а останатите 100 илјади евра од сопствени средства на Клиниката.
Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух. Климатизацијата на целиот простор создаде значително похумани услови за пациентите, особено во текот на летните месеци кога температурите се високи, а болничкиот престој може да биде непријатен.
Особено значаен е и хуманиот гест на вработените од Клиниката, кои се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари. Наместо тоа, Клиниката со овие средства купи две машини за перење алишта и 18 клима уреди за болничките соби. Овој чин, според раководството е суштинска посветеност за доброто на пациентите.
„За нас, овој проект не е само реновирање на болнички ѕидови – ова е реновирање на системот, на вредностите, на односот кон пациентите и професионалноста во здравството. Посветени сме да создадеме Клиника која нуди достоинствен престој, современо лекување и човечка грижа. Благодарен сум на целиот тим што застанавме зад овие промени, со заедничка посветеност. За помалку од една година, Клиниката за урологија стана пример, како со тимска работа и вистински вредности, може да се создаде модерен и ефикасен здравствен систем, достапен тука, дома,“ изјави директорот д-р Башким Шабани.
Медицинската експертиза на Клиниката значително е зајакната и со воведувањето на три нови хируршки техники.
„Во последната година, започнавме да имплантираме артифициелни уринарни сфинктери и да вградуваме пенилни протези – ригидни и семиригидни, а во финална фаза е и имплементацијата на третата, високо специјализирана метода – сакрална неуромодулација“, истакна Шабани.
Со тоа, Клиниката стана сертифициран центар за овие интервенции, кои досега беа достапни само во странство. Денес, овие хируршки процедури, кои се практикуваат во најразвиените медицински центри во светот, успешно се изведуваат и во Скопје.
Во следната фаза од развојот, започнува реновирањето на Центарот за трансплантација на бубрези и Центарот за калкулоза. Во план е да се набави нов апарат за третман на камења на уринарниот тракт, а ќе се изгради и нова хируршка сала за ендоскопски интервенции. Целта е централизација на третманот на уринарните камења на едно место, каде пациентите ќе добијат најсовремени решенија, без да се упатуваат на другите клиники. Новиот Центар за трансплантација ќе располага и со просторија за дијализа, што ќе овозможи трансплантираните пациенти да останат во рамки на клиниката, без да се препраќаат до Клиниката за нефрологија.






