Во гостување на поткастот „Каде се парите“, премиерот посочува дека најпрво треба да биде разговарано со Стопанските комори за тоа дали земјава има капацитет сето тоа да го реализира, по што, вели, за најмногу два месеци прецизно ќе биде објавено во јавноста.
„Откако ова ќе го заокружиме позитивно сакам да седнам со стопанските комори и отворено да поразговараме дали ние имаме капацитет сето ова да го реализираме. Јас сум убеден дека имаме, но ни треба добра организација. Ќе се обидам, нормално во интерес на преговорите и процесот да ги потенцирам вредностите и проектите, а многу скоро во следните, не повеќе од два месеци, ќе биде сето ова во јавноста објавено и точно ќе се знае од каде и што“, вели премиерот.
Помеѓу половина милијарда и една милијарда, вели, ќе бидат наменети за изградба на локални, регионални и експресни патишта.
„Дел од нив ќе бидат модернизирани, односно реконструирани, дел ќе бидат изградени, затоа велам помеѓу половина милијарда и милијарда. Се преговараат условите итн. И тоа нема да биде нов долг, бидејќи ќе расте БДП, бидејќи во градежништвото парите три пати се вртат најмалку, и нема да биде нов долг, односно номинално ние може да го намалиме долгот“, додаде Мицкоски.
Вториот проект, додаде, е конечна изградба на Клиничкиот центар Штип, болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница Тетово.
„Вториот проект е конечна изградба на Клиничкиот центар Штип, болницата во Кичево, проект од 90-тите. Кога излеговме на терен со луѓето, констатираа дека подобро на друга локација да го изградиме, отколку на таа, бидејќи темелењето е различно, сѐ е веќе различно. Значи поскапо е да се прави таму, да се реконструира постојниот, кој е оставен 25 години да скапува, отколку нов. Реконструкција на Клиничката болница Тетово, операционите сали и два други оддели и пруга, условно кажано би рекол брза, којашто ќе биде дел од коридорот 10. Иако сакавме возовите да бидат над 200 километри на час, но поради цената одлучивме да се движат по 160, споредбено со сегашните 30, 40, а карго 110. И овој бран ќе биде 2,3 и 2,5 милијарди евра инвестиција“, додава Мицкоски.
Во врска со неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, рече дека имал состаноци на високо ниво, средба со претседателот на Емиратите, како и средби со, како што рече, врвната бизнис-заедница и компании коишто функционираат надвор од Емиратите, за кои вели во мај или јуни се очекува да дојдат во земјава.
„Проектите за кои што разговараме се проекти на постојни локации веќе изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањето од УНЕСКО, не можат да го видат својот полн капацитет, мораме да го пазиме тоа, Попова Шапка ски центарот, локацијата кај касарната за лендмаркс објект, којшто ќе биде не само лендмаркс само за Скопје, туку и за регионот, Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти како што се нови соларни и ветерни централи се проекти за коишто веќе има „фолоуап“ од нашата посета и веќе се разменуваат со институциите од тука податоци. Очекувам од овој инвестициски бран помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“, вели Мицкоски.