сабота, 12 јули 2025
Отчет – Една година Влада

Мицкоски: Ова беше година на стабилизација и консолидација – ги поставуваме темелите за земја што ќе не обедини

По повод една година од актуелната извршна власт, премиерот Христијан Мицкоски даде јавен отчет за работата, на настан што се одржа на платото пред Владата, на Илинденска, бр.2.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски на почетокот нагласи  дека секој нов почеток е потежок, затоа што се наследува веќе затекната состојба не се почнува од нула, туку од минус.

„Една година од новиот почеток, Една година градење темели, една година за тебе! Ова е година во која ги градиме темелите на промените! За твоето и вашето време кое доаѓа!“ порача премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека оваа година беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација. Но затоа денес, нагласи Мцкоски – гледаме напред со увереност и со срце полно надеж. Времето на секој еден од вас допрва доаѓа!

Тој смета дека и во оваа тешка година постигнале резултати, кои се јасен показател дека стигнале на солидна основа. Реализирани се или отпочнати над 250 поголеми проекти, а очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата со преку 400 проекти.

Фокус на економијата и подобар живот

Премиерот насгласи дека економијата била најглавниот фокус на Владата, како и борбата за подобар живот.

„Обезбедивме 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. И тука не ги двоевме, тоа се сите општини на цела територија на државата без разлика дали таму се градоначалници од редовите на владејачките партии, опозицијата или некои независни.Во првиот квартал од оваа година 2025 постигнавме раст на БДП од 3,2%, некој ќе рече мал, некој ќе рече голем, јас би рекол сум задоволен, но не конечно задоволен бидејќи сепак има уште поголем простор за раст, но тоа сепак не става како 4 земја по раст на БДП во првиот квартал од 2025 година веднаш позади Ирска, Данска и Полска.

Постигнавме рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што ќе каже дека имаме најголем број на странски директни инвестиции по глава на жител во овој дел од Европа.

Првпат по седум години намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година за 4,7 процентни поени во однос на БДП. Платите растат и обезбедивме повисоки плати во администрација, здравство, образование, полиција.Буџетскиот дефицит го намаливме на 4% од БДП и одиме надолу, целта е да бидеме под 3%. Целосно ја отплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра.Ја намаливме царината за 67 стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во домашната индустрија и обезбедивме целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД како наш стратешки партнер“, кажа Мицкоски на отчетот.

Во истиот контекст истакна дека во поглед на инфраструктурата обезбеден е највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес.

„Склучивме договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство врз основа на кој подоцна се остварува и економска соработка под поволни услови, би рекол ултра поволни услови за изградба на брза пруга на коридор 10 и изградба на болници, а во скора иднина разговараме и за изградба на енергетски проекти коишто се од капитално значење за иднината на државата. За само една година обезбедивме градба на 225 инфраструктурни проекти во прва фаза во висина од речиси 3 милијарди денари и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза во висина од речиси 7 милијарди денари.

Започнавме со изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, со изградба на автопатот Гостивар-Кичево (Букојчани) во должина од 30,3 километри како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри. Ја пуштивме во употреба делница Градско-Дреново од експресниот пат Градско-Прилеп во вредност од 37,4 милиони евра и должина 15,5 км. Го пуштивме во употреба експресниот пат (Страцин) Ранковце-Крива Паланка во должина од 25,4 километри, во вредност од околу 98 милиони евра. Целосно го реконструиравме регионалниот пат Охрид (Коњско) – Свети Наум во должина од 24,5 километри и вредност 11,6 милиони евра. Ја пуштивме во употреба пругата на коридор 8, Куманово-Бељаковце во вредност од 43 милиони евра и во должина од 31 км. Од нула функционални локомотиви за само три месеци од мандатот ставивме 11 во употреба и обезбедивме нормализација на железничкиот сообраќај. Воведовме 11 нови авиолинии од двата аеродроми и обезбедивме 360 милиони денари финансиска поддршка. Доделивме над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија. Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево-Охрид (делница Врбјани Охрид) во должина од 40 километри и веќе пуштањето е закажано на 12 јули. Започнавме постапка за избор на трет мобилен оператор со што ќе се отворат нови работни места и ќе донесе конкуренција на пазарот за пониски услуги за граѓаните. Во тек е набавка на 120 нови и модерни автобуси“, ги наброја премиерот проектите во транспортната инфраструктура и комуникацијата.

Меѓу другото потсети на оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, со рекордна вредност од 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, опфаќа над 16.000 граѓани, со фокус на младите и невработените.

Исто така потсети на зголемените пензиите на над 300 илјади пензионери за 5 илјади денари. Во делот на детската заштита на над 15 градинки им се издадени решенија за дејност и почеток со работа, или им е обезбедена кадровска екипираност.

Енергетика и социјални проекти

Во делот на енергетиката донесен е новиот Закон за енергетика, а во новиот Акциски план вградени се два сопствени гасни проекти со соседна Грција и Србија, подржани од страна на Европската Комисија.

„Пуштен е во работа новиот 400 KW трансформатор во ТС Битола 2. Се работи на втора фаза – ветерен парк Богданци. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија. Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Во делот на земјоделието во период од 12 месеци исплатени се заостанати субвенции и редовни исплати на земјоделците во износ од над 9 милијарди денари. Склучени се вкупно 967 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 2.700 ха. Откупувачите на тутун ја дополнија откупната цена од 375 на 400 денари за откупен тутун прва класа, се зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм. За прв пат постигнати се највисоки откупни цени за двете најзастапени вински сорти грозје ‘вранец’ и ‘смедеревка’ “, наведе Мицкоски.

Наредната цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните. Притоа, премиерот кажа дека се укинати нефункционалните економски директори во јавните здравствени установи. Отворена е постапка за вработување на 600 млади специјализанти во здравството. Зголемен е капитациониот бод на матичните доктори, гинеколози и стоматолози, обезбеден раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи. Проширена е позитивната листа на лекови со 9 нови генерики на лекови. Реновиравни се повеќе од 10 здравствени објекти и клиники и набавена е современа медицинска опрема од неколку милиони евра.

Во делот на животна средина имаше спроведени се низа мерки. Изработена е планска програма за почист воздух 2025-2030 за долгорочни мерки и решенија каде се опфатени сите важни аспекти за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух. Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина. Обезбедени се 10 милиони евра за замена на системи за греење со еколошки во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Се работи на подобрување на водната инфраструктура на општините со преку 50 милиони евра. Обезбедени се 55 милиони евра за изградба и модернизација на регионални системи за управување со цврст отпад во пет региони со изградба на нови и санација на постојните депонии, трансфер-станици и центри за рециклирање.

Капитални градби во општините

Преку министерството за Локална самоуправа се отпочна со најголемиот проект за капитални градби по општините, нагласи премиерот, а одобрени се 288 проекти за општините од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика…

Во делот на образованието нагласи дека се изградени 7 нови училишни објекти, реконструирани 20 а во изградба се 4 училишни спортски сали. Студените добиваат нови згради откако се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, инвестициски циклус од 2 милијарди денари, а наскоро ќе започне процедура за изградба на кампусот на факултети при универзитетот „Мајка Тереза“.

„Најголем влог во образованието досега – обезбедени се 38 милијарди денари за образованието во 2025 година… Обезбедивме над 12% повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14% повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60% во следните 4 години. Во тек е темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје, ‘Кузман Јосифовски – Питу’ и ‘Стив Наумов’ во вредност од 17 милиони евра. Обезбедивме 50 милиони евра за 1.570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта“, наведе Мицкоски во својот отчет за делот од образованието.

Во делот на развојот на информатичкото општество за една година се обезбедени 120 нови електронски услуги за граѓаните на националниот портал uslugi.gov.mk. Со измените на законот за електронски документи, електронски издадените документи се сметаат за еднакво важни како и оригиналот. Донесен е закон за сајбер-безбедност. Државата за прв пат добива закон за безбедност на мрежи и информациски системи. По повеќе од 12 години, издавачите на онлајн медиуми, интернет-публикации се препознаени во новиот Закон за медиуми.

Во делот на спортот – реконструирани се 15 мултифункционални игралишта во повеќе градови во државата и изградени се 15 спортски центри низ цела Македонија. Откочен е проектот за изградба на 5 базени. Доделени се 500 стипендии „Спортска надеж“, наменети за млади талентирани спортисти. Македонскиот спорт поддржан од државата со 20 милиони евра средства кои Министерството за спорт ги исплати директно на спортистите и на спортските субјекти.

Во делот на културата откочена е изградбата на Стариот театар во Струмица. Започната реконструкција на поранешно кино „Партизан” во Битола при културната институција Народен театар – Битола, инвестицијата е вредна 96 милиони денари. Се откочува и градбата, полека но сигурно на Универзалната сала во Скопје.

Во делот на туризмот воведен е чартер лет за прв пат со туристи на авиокомпанијата „Freebird Airlines“ од Германија за 40.000 туристи годишно, надвор од сезоната, во рамките на потпишаниот договор за соработка со германскиот туроператор. Тоа имплицира зголемување на повеќе од 20% на странски туристи во првите четири месеци споредно со првите четири месеци од претходната година. Се продолжи проектот за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник. По 7 години запоставеност, повторно е отворен комплексот „Македонско село“, кој ја прераскажува македонската културата, автентичната архитектура и традиција.

Во делот на администрацијата се спроведе акцијата, „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ за отворен, темелен и партиципативен процес на сите засегнати страни при изготвување на законите. Во процес е формирање на академија за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат и капацитет да обезбедува стандардизирана, професионална и континуирана едукација за јавната администрација на национално и локално ниво. Во Владата се усвоени 4 реформски закони коишто се дел од Планот за раст и коишто се веќе во собраниска процедура.

Година на борба против криминалот, корупцијата, но и незадоволство од обвинителите и судиите

„Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по наркобандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судството и обвинителство кое сега го немаме.

Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата од страна на обвинителите и судиите и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис-мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме. И ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе нè води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде нашиот најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата“, порача премиерот во контекст на борбата против криминалот и корупцијата.

Воедно, нагласи дека паралелно со тоа започнаа и реформите во МВР. Целосно е решен хаосот со издавање на пасоши, набавена е уште една машина за печатење на лични документи и целосно решен процесот на издавање на лични документи. Зголемена целосна ефикасност на полицијата со севкупен криминалитет за 5.8%, разбиени голем број криминални групи од областа на организираниот криминал, корупцијата, нелегална трговија со дрога и оружје. Целосно реновирани управни служби во Скопје со кои граѓаните на Скопје ќе имаат пристап до брзи, модерни и навремени услуги. Имплементација во завршна фаза на системот „Безбеден град“, за автоматска евиденција на сообраќајни прекршоци за безбедност во сообраќајот. За 10% се зголеми платата за сите вработени во Министерството за внатрешни работи.

Во делот на правдата поништена е одлуката на минатата влада за десеткратно поскапување на нотарските тарифи.

„После 14 години овозможивме целосна имплементација на системот Фемида – аудио-визуелен систем за снимање на судските рочишта, за транспарентност и одговорност на судството пред граѓаните. Сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени или се во финална фаза на усвојување“, кажа Мицкоски на отчетот.

Релаксирање на меѓуетничките односи

Премиерот укажа дека во делот на меѓуетничките односи, се работи на нивно релаксирање. Усвоена е нова програма за унапредување и поддршка на етничките заедници со цел унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности. За прв пат е изработен Стратешки план за гарантирање на правата на сите етнички заедници и унапредување на меѓуетничките односи.

„Во Министерството за одбрана има значителни достигнувања. Процесот на модернизацијата на Армијата е процес кој се реализира со силен интензитет и е поддржано од одбранбениот буџет. Оваа година одвојуваме 32 проценти од буџетот, односно 106 милиони евра што е 18 милиони евра повеќе од минатата 2024 година. Едноставно кажано, модернизацијата нема да запре, туку напротив – ќе се интензивира. Се обезбеди зајакнување на армиските капацитети со прием на нови војници, подофицери за потребите на Воздухопловниот ВИНГ и офицери за доусовршување на подофицери.Се исплаќаат заостанатите обврски за процесите кои беа отпочнати од минатата власт.Воедно го преземавме претседателство на ЕУСАИР во мај 2025 година до мај 2026 година.Се укинаа на визите за влез во Обединетите Арапски Емирати за сите македонски државјани.Ние сме прва земја од регионот, потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, што е одраз на одличната и континуирана соработка со Унијата и претставува клучен чекор кон потесна соработка за широк спектар безбедносни прашања“ ги наведе премиерот постигнувањата на Владата во делот на безбедноста и надворешната политика.

Инвестиции

На крајот на отчетот премиерот Мицкоски се осврна на инвестициите. Тој потсети дека за една година имаме: инвестиција на Алказар енерџи за изградба на ветерен парк каде освен тоа што ќе се вложат 450 милиони во ветерници ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата; инвестиција на БМЗ од Германија за производство на литиум јонски батерии во износ од 65 милиони евра и 700 вработувања; проширување на инвестицијата на Костал од Германија за производство на автомобилска електроника во износ од 50 милиони евра и 250 нови вработувања; инвестиција на Авеста Батери и Енерџи Инжинеринг од Белгија за производство на батерии во износ од 10 милиони евра и 200 вработувања; инвестиција на Магна Мехатроникс од Канада за производство на компоненти за авто индустрија од 40 милиони евра и 600 вработувања; инвестиција на Шахтерм од Турција за производство на делови за бела техника во износ од 25 милиони евра и 200 вработувања.

„Воедно работиме и на најмалку 10 нови инвестиции коишто треба да се случат до крајот на годината“ порача премиерот.

Трагедијата го Кочани – најтежок ден во едногодишниот период од мандатот на Владата

„Пред крајот сакам да се осврнам и на мојот најтежок ден како претседател на Владата, а тоа е несреќата во Кочани. Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван и дезавуиран. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам сè тоа да не се повтори. И како политички фактор од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи – мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став, а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани. Работиме на тоа да покажеме дека Кочани за нас е важно и дека граѓаните не се сами“, кажа Мицкоски во завршницата на отчетот.

Најдоброто допрва доаѓа – денеска ги сееме, а потоа ќе ги жнееме плодовите од нашата работа

Обраќајќи им се на критичарите на Владата, главно од опозицијата, премиерот порача дека никогаш повеќе нема да дозволи Македонија да биде понижена.

„Воедно сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние коишто сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја пљачкаа и се потпишуваа на што било и сè што им беше поставено на маса. Нема никогаш повеќе нема да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши“, категоричен беше Мицкоски..

Потоа порача дека најдоброто допрва доаѓа, најдоброто за сите нас – „денеска ги сееме, а потоа ќе ги жнееме плодовите од нашата работа“.

„Кога ќе погледнам во очите на луѓето кои секојдневно ги среќавам, знам дека мораме да направиме сè што можеме за да имаат подобар живот. Така и ја гледам земјата – со љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината што ја градиме заедно, за надежите кои не смеат да се изневерат.

Промените не се случуваат преку ноќ, но секој ден што вложуваме е чекор поблиску до земја со која ќе се гордееме. Не ветувам совршенство и чуда, туку ветувам искреност и упорност во секој чекор и борба за тебе и иднината каква што ја заслужуваш.

Ние не сме политичари што зборуваат од високо. Ние сме луѓе што живеат тука со вас, што чувствуваат ист страв и иста надеж. Затоа со труд и лојалност кон вас, ги градиме темелите на промените – искрено, чекор по чекор, со срце.

Оваа година беше само почеток, почеток на стабилизација и консолидација после 7 години на проблеми и уништувања, на разочарувања и изневерени очекувања и изгубена надеж. Заедно, чекор по чекор, ги поставуваме темелите за земја што ќе не обедини и ќе ни даде сила.

Времето на Македонија допрва доаѓа, и тоа не е само слоган – тоа е наша обврска кон сите вас. Ги градиме темелите со пот, со борба и со надеж. За секој што верува дека оваа земја заслужува подобро, за тебе и твоето семејство, за иднината која доаѓа, за татковината која повторно ќе биде твоја, за Македонија која повторно ќе биде твоја.

Една година од новиот почеток, една година градење темели, една година за тебе!

Ова е година во која ги градиме темелите на промените! За твоето и вашето време кое доаѓа!“, вети на крајот на отчетот премиерот Христијан Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ