Како што посочи Мицкоски, тоа е резултат на водењето политики кои се во интерес на стандардот на граѓаните и на консолидирање на состојбите во државата. Конечно, вели тој, државата е консолидирана и ќе се развива онаква каква што ја посакуваат граѓаните.
„Како што кажав во неколку наврати оваа година, очекувам да се стабилизираме под три проценти со годишната инфлација. Очекувам некој месечен негативен тренд, односно опаѓање во споредба со минатата година. Минатата година во јануари имавме кошничка, така што очекувам оваа година да се движиме тука некаде околу три проценти. Нешто можеби под или над три проценти, со тоа што ќе имаме негативна тенденција на месечно ниво“, изјави премиерот во одговор на новинарско прашање.
Вели дека во деновите што следуваат ќе бидат објавени тие параметри и точно ќе се знаат бројките.
„Водиме домаќински политики. Водиме политики што се во интерес на стандардот на граѓаните. Така работевме досега во насока на консолидирање на состојбите во државата. Од една хаотична ситуација, распаднати институции, уништен систем, доаѓаме во ситуација да можеме да кажеме дека конечно сме консолидирани. Сега е потребно да ја развиваме Македонија онаква како што ја посакуваат сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој денеска уште изјави дека туризмот е еден од приоритетите на Владата и мерките и активностите што се преземаат во таа насока резултираат со зголемување на бројот на туристи и бројот на ноќевања. Мицкоски додае дека активно се работи на создавање услови за натамошно зголемување на овие бројки и во наредните години и бројот на ноќевања да се зголеми до пет милиони годишно.
„Туризмот е еден од нашите приоритети. Минатата 2025 година, според бројките што ги објави Државниот завод за статистика, имаме зголемен број на туристи некаде над шест проценти. Но, она што особено охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи за над десет проценти. Тоа е двоцифрена бројка. Се ближиме на бројката од три и пол милиони преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Оваа година, додаде Мицкоски, повторно има организирани групи и повторно како Влада се поактивни.
„Постојано работиме и јас очекувам повторно двоцифрен број на раст кај странските туристи и, генерално, очекувам и во 2026 година да имаме раст на бројот на туристи во Македонија. Работиме паралелно и во насока на поддршка на изградба, на и надградба и реновирање на постојните туристички и угостителски капацитети. Нашата цел е да дојдеме, ако е возможно тоа, до пет милиона преноќувања во Македонија, што ќе претставува историски рекорд и сега работиме во таа насока. Оваа година очекуваме чекор по чекор да дојдеме до три и пол милиони, а потоа и понатаму, па ако биде сè како што треба, не би се изненадил тоа да биде во 2028, 2029 година“, истакна македонскиот премиер.






