„Не мислев дека можете толку ниско да се спуштите и сѐ уште да се обидувате да се качите на бранот на колективната трагедија која ја зафати државата. Барем пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал. Што се однесува за оставките за пет месеци од денеска ќе започне кампања за локални избори и граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија продолжува и во каква форма. Граѓаните ќе кажат. Тоа што играте на картата на кратко помнење и континуирано ги навредивте граѓаните мислејќи ќе добиете политички поени, ве советувам, не, нема да добиете, туку губите“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.
Мицкоски појасни дека истрага ја води обвинителството и тоа кажува кој треба да биде приведен, а не владата.
„Нека ви кажат сопартијците за модуларната болница, за Ласкарци и за Беса транс колку беа опфатени со истрага и колку кривични пријави беа поднесени во тој момент. Ако не ви кажат, набргу од денеска ќе има расправа во Собранието и ќе слушнете од другите колеги пратеници и зошто, кој и како. Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме. И затворот е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, обвинителството и сите кои се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци, Беса транс каде починаа 75 наши сограѓани имаше нула приведени. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку обвинителството заедно со судот одредуваат“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ако обвинителот рече дека треба да се приведат високи функционери од оваа влада, тоа и ќе се случи.
„Еден член на владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. На информативен разговор од обвинителството повикани се високи функционери. Истите обвинители и судии кои вие ги биравте, вашиот Совет за јавни обвинители и Судски совет кои вие ги биравте, не ВМРО-ДПМНЕ. Треба работите правилно да се кажуваат, македонската јавност треба да ја знае вистината. Актуелен градоначалник е притворен, а тоа во време на СДСМ беше невозможна мисија“, рече Мицкоски.