Премиерот Мицкоски истакна дека не само што нема вистина, туку не може да го разбере неодговорното однесување на СДС кои што шират паника и страв кај граѓаните во врска со мигрантите.
„Од друга страна ги разбирам СДС затоа што ова е тема на која што тие мислат дека внатрешно ќе се мобилизираат, иако ако се вратиме наназад во минатото ќе забележиме дека практично политиката која што тие ја воделе и нивните влади, е токму промигрантска, односно луѓе кои што воделе политика на интегрирање на мигранти. И тоа јасно го кажува националната стратегија од 2017-та година усвоена и донесена на владина седница од страна на тогашното Министерство за социјална политика и труд, и врз основа на таа стратегија тие праќаат дописи во општините за да бараат соодветни места и локации каде што би се изградиле потенцијални кампови односно живеалишта на лица кои што се странски државјани и кои што би се интегрирале, читај мигранти“, рече Мицкоски.
„Сакам да испратам порака до граѓаните, дека таков тип на прифаќање, на мигранти, легални, илегални, бидејќи гледам сега семантика бараат во зборовите, кои што се каков било дел од договор дали со Обединетото кралство, или каков било друг договор не постои, ниту пак додека сум јас претседател на Владата ќе постои“, нагласи Мицкоски.
За иницијативата за разрешување на наледениот државен јавен обвинител, тој рече дека шансата му беше дадена, „му оставивме година и половина да се размавне со неговиот тим. Ги видовме резултатите какви се, и логично е, не сме задоволни и влегуваме во процес да бараме јавен обвинител од којшто очекуваме многу повеќе“, посочи премиерот Мицкоски, охрабрувајќи ги сите коишто се чувствуваат компетентни да се пријават за нов јавен обвинител.
„Согласно закон, потенцијалниот Јавен обвинител доаѓа од јавнообвинителската служба со минимум 10 години работно искуство или кривичен судија. Не може сега истакнати правници, таков е законот. Сега од овој базен треба да очекуваме да се пријават кандидати. Логично е од обвинителството да се пријавуваат кандидати коишто се минимум во вишите обвинителства во апелациските подрачја и претпоставувам оние јавни обвинители од државното јавно обвинителство, како и кривични судии кои се кривичари од кои очекуваме да поднесат свои апликации. Дали имаме фаворит, ако ме прашувате, немаме, еве ги охрабрувам сите оние коишто се чувствуваат компетентни, кои сакаат правда, право во државата да се пријават“, нагласи Мицкоски.
На прашањето за парите во буџетот. Мицкоски рече дека буџетот е стабилен и е во одлична кондиција. „Датумот 15 декември не значеше затворање на трезорот, туку иницијатива за правните субјекти да бидат поодговорни во испраќањето на налози, за да не биде сѐ, како што рече во 5 до 12. Кога зборуваме за трезорот сакаме едноставно да има ред, тоа значи дека минатата година се случи во 5 до 12 многу налози да дојдат и да не може тие да се обработат, се случуваше доверителите да не добијат навремено, да влеземе во друга фискална година. Затоа рековме нека биде 15 декември последниот датум, да се обидеме сите да бидеме дисциплинирани. Се разбира дека и на 25 и на 31 декември ако дојде налог истиот ќе биде процесуиран, но не можеме секогаш во 5 до 12 да ги завршуваме работите, ајде еднаш да бидеме дисциплинирани и навремено да ги завршиме работите. Ете тоа беше иницијативата“, истакна премиерот Мицкоски.
Во однос на обвинувањата на СДСМ дека недостасувале 60 милијарди денари, премиерот Мицкоски нагласи дека тоа е невистина, односно апсолутно буџетот е во одлична кондиција.
„Веќе во првите 10 дена од овој месец се собраа 15 милијарди, да не заборавиме дека на 25 во месецот се плаќа ДДВ, но тоа што тие го гледаат како податок на сајтот на Министерство за финансии не ги вклучува сопствените приходи на институциите, затоа што сите тие имаат буџетска и сопствена сметка. Кога сето тоа ќе се вклопи, односно кога ќе влезе во базенот, доаѓаме до оние 350-60 милијарди денари кои треба да ги собереме, но исто така треба да знаеме дека и расходите процентуално ги пратат приходите, односно расходите се во истиот процент како и приходите, тоа значи дека буџетскиот дефицит се намалува, а тоа е разликата помеѓу расходната и приходната страна“, рече Мицкоски.
Премиерот категорично ги отфрли наводите дека имало доцнење со исплати надвор од разумен рок од неколку дена.






