Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030, нагласи Мицкоски, е визија, но и јасен план, таа е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и патоказ за тоа каква држава сакаме да бидеме во следната деценија.
„Денес не промовираме само еден стратешки документ. Денес ја потврдуваме нашата решителност да изградиме модерна, паметна и дигитална држава. Држава што работи за граѓаните, држава што е транспарентна, ефикасна и правична… Денес ја поставуваме основата. Нашата цел е јасна: паметна, дигитална и демократски правична Македонија до 2030 година. Македонија што гледа напред, што инвестира во знаење, технологија и луѓе. Македонија што гради иднина, а не ја чека“, порача Мицкоски.
Како Влада, подвлече Мицкоски, дигитализацијата ја поставивме како еден од нашите клучни стратешки приоритети, затоа што дигитална држава е предуслов за владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата.
„Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии“, изјави Мицкоски.
Стратегијата СМАРТ/МК 2030, нагласи Мицкоски, го обликува патот на дигиталната трансформација на државата во согласност со нашите специфики, вредности и долгорочни државни интереси. Таа претставува детален и реален патоказ за надминување на развојните предизвици во областа на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување забрзан дигитален развој во сите сектори – од јавната администрација, преку образованието и здравството, до економијата и локалниот развој.
„Овој документ се темели на принципите и насоките утврдени во патоказот за дигитална трансформација, а воедно е целосно усогласен со Националната развојна стратегија 24-44, каде што развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се препознаени како централни двигатели на напредокот. Нема силна економија без дигитални вештини, нема современо општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен ИКТ сектор“, изјави Мицкоски.
Посебна вредност на стратегијата, посочи Мицкоски, е тоа што таа прецизно ги адресира краткорочните и среднорочните приоритети утврдени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Донесувањето на нова стратегија, како и усогласувањето со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигитализацијата на институционалните регистри, воведувањето работа во облак, како и унапредувањето на правната рамка за електронска идентификација и доверливи услуги, според Мицкоски, се јасен сигнал дека сме подготвени за европските дигитални стандарди.
„Но, стратегиите сами по себе не се доволни. Нашата обврска е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните. Да изградиме држава во која услугите се достапни со еден клик, институциите комуницираат меѓусебно, а граѓанинот е во центарот на системот. СМАРТ/МК 2030 не е документ за една институција или една влада – таа е заедничка задача на институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество. Само со партнерство, знаење и доверба можеме да изградиме дигитална држава што ќе биде двигател на економскиот раст и гаранција за подобар квалитет на живот“, порача Мицкоски.
Мицкоски, изрази благодарност до министерот за дигитална трансформација и неговиот тим, Стефан Андоновски, за неговиот посветен ангажман и визија во процесот на подготовка и обликување на националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030.






