„Ајде да направиме велам еден обид. А тој обид е Европскиот парламент со мнозинство гласови да донесе одлука или резолуција, или ќе биде дел од извештај, со којашто јасно ќе се признае македонскиот идентитет и јазик како посебен“, рече Мицкоски.
Премиерот потстети дека тоа се случи во рамките на извештајот на известувачот Вајц. „Пред да помине на АФЕТ имаше една друга игра. Тогаш беше потребно не да се избрише од извештајот, туку да се избрише ‘сегашен’. Потоа дојде ‘модерен’ од одредена група на европратеници“, рече премиерот во текот на интервјуто.
Мицкоски истакна дека одредени политички фигури во Бугарија јасно кажуваат дека уставните измени не се единствената пречка на патот на Македонија кон ЕУ.
„Она што можеше да го види Европа и светот е дека не е само промената на Уставот единственото нешто што треба да го направиме за да продолжиме. Впрочем, многу влијателни политички фигури во Бугарија тоа го кажуваат“, вели Мицкоски.
Според него, изјавата на Радев во која тој вели дека единствениот услов се уставните измени – не е точна, бидејќи и во Договорот за добрососедство нема никаков услов, а сега де факто – имаме.
„Пред некој ден слушнав изјава од претседателот Радев во којашто вели: ‘единствениот услов којшто треба да го направи Македонија е да го смени Уставот’. Ние во Договорот за добрососедството немавме никаков услов. Потпишан договор, во којшто Бугарија треба да нè поддржува во рамките на процесот на преговори и членство. Па добивме вето, затоа што ние не сме го исполнувале договорот и не сме ги испорачале малцинските права на бугарската заедница во Македонија“, истакна премиерот.
Според него, предлозите „сегашен“ и „модерен“ не се ништо освен асимилација.
„Ако е цената e асимилација, не фала, не сакам. Како да бидам политички аналфабет, како некој пред мене, и да прифатам нешто без да знам дека на крајот ќе има јасен крај. Како ќе излезам пред граѓаните? Јас не сакам да ја платам таа цена, мислам дека е преголема, без да има испорака од двете страни. Јас сум политичар со легитимитет добиен од граѓаните… Сите сме за ЕУ и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Овој народ и оваа држава дала премногу како никој друг и на граѓаните им е преку глава од таков тип политика ‘сега или никогаш’… Се менува нашиот идентитет, од знамето до името, тоа е дел од основните темелни вредности на еден идентитет, атрибути коишто го дефинираат еден идентитет. Една по една, се менуваат“, рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Како што рече, првпат во извештајот на ЕП „се најде македонскиот идентитет и јазик, никогаш досега не се случило откако се објавувале извештаите за напредок на државата“.
Според него, не е суштина вметнувањето неколку стотици граѓани во Уставот и дека во многу посети негови во Брисел, и во поранешниот и сегашниот состав во телата на ЕУ, се обидувал, рече, да им ја претстави суштината на проблемот и дека тој трае со децении.
Според Мицкоски, нема „поглупава теорија“ од ставот на опозицијата дека со внесување на Бугарите во Уставот ќе се зацврсти нашиот идентитет. Претходната влада имала избрзани чекори и, како што рече, водела „национално исплакната политика“.
„Денешните изјави на Венко Филипче и акробациите на Зоран Заев во тоа време не се случајност. Тоа е заедничка матрица која никогаш стратешки и на долг рок не ги гледа проблемите што ги остава зад себе со начинот на однесување, а тоа е националната исплакнатост, политички елементарно и површинско гледање на работите, без суштина и без стратегија. Затоа ние сега сме доведени во ситуација да зборуваме за нешто што претставува темелна вредност на еден народ, а тоа е неговиот идентитет и неговиот мајчин јазик“, рече Мицкоски.
Како што рече, за ова прашање ќе седне да разговара со опозицискиот лидер Венко Филипче доколку види дека кај СДСМ има „себепрекор за грешките“ и промена во ставовите кои, рече, се дијаметрално спротивни со ставовите на Владата.
„Нивната политика резултираше со ‘модерен’ … Не велам дека ова е исправно или неисправно. Оваа политика добила поддршка од половина милион граѓани во оваа држава, трипати повеќе од политиката што ја води опозицијата. Сè додека оваа политика добива поддршка – ова е патот. Кога нема да добијам поддршка, кога ќе бидам поразен на избори, ќе дојде оваа другата политика, национално исплакната, со виткање кичми, со ограбување на своите граѓани“, додаде Мицкоски.






