Настанот се одржал во Министерството за енергетика. Присуствувале претставнички од организацијата Global engineering girls при групацијата „Лимак“, млади инженерки од Машинскиот факултет и ФЕИТ, практикантки кои практичната настава ја извршуваат во Министерството, како и искусни експертки од институциите МЕМО, МЕПСО, НОМАГАС и други тела поврзани со секторот.
„Во инженерството, како и во животот, најважно е да не се плашиш од комплексни системи. Кога влегуваш во нив со знаење, храброст и истрајност – тие се менуваат, вие ги менувате. А токму тоа го прават жените во енергетиката, рударството, геологијата – секој ден“, истакнала министерката Сања Божиновска.
Присутна била и специјалната претставничка на Обединетите нации во државава, Рита Колумбија, која со своите поддршка и ангажираност, како што се нагласува, силно се залага за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените во општеството. Во отворен разговор со присутните девојки, Колумбија го нагласила значењето на солидарноста, тимската работа и меѓусебното помагање и поттикнување како суштински елементи за постигнување брзи и одржливи општествени промени.
„Мора да се поддржуваме, да сме тимски играчи и да се слушаме, бидејќи само така ќе можеме брзо да ги промениме работите“, истакнала Колумбија.
Во неформалната панел-сесија, учесничките споделиле кратки лични приказни, поенти од кариерата и пораки до новите генерации.
„Посебно внимание привлекоа изјавите на жени кои работејќи во ‘машки’ сектори, денес се носители на промени“, истакнуваат од министерството.
За своите искуства со инженерството и работата во оваа професија говореле и проф. д‑р Маре Србиновска и проф. д‑р Невенка Китева од ФЕИТ, Маја Аначкова и Симона Домазетовска Марковска од Машинскиот факултет, кои се и дел од надзорните одбори на МЕПСО и ЕСМ, инженерката Емилија Сарафска, Елизабета Гиовска од МЕМО како и Виолета Спасова од НОМАГАС.
„Нема технологија што не можеме да ја совладаме – ако имаме простор, поддршка и вистински шанса да покажеме што знаеме, истакнаа младите инженерки кои ја испратија и клучната порака од настанот – жените не бараат привилегии, туку еднаква шанса да учествуваат, придонесуваат и водат“, се додава во соопштението.
Министерката Божиновска истакнала дека Министерството силно ги поддржува сите иницијативи и активности за поголема поддршка за што поголем број млади жени во енергетиката и рударството.
„Наша должност како институција е, не само да ги поддржиме жените во STEM, туку и активно да ја градиме средината каде тие ќе напредуваат – не како исклучоци, туку како норма“, нагласила Божиновска.
Од Министерството додаваат дека Светскиот ден на жените инженерки не е само симболично одбележување, туку потсетник дека системите не се менуваат сами од себе.
„Тие се менуваат кога жените добиваат шанса да ги предводат тие промени“, се нагласува во соопштението.