понеделник, 5 мај 2025

Менче Андреева е новата директорка нa Инспекторатот за македонски јазик

Инспекторатот за македонски јазик, клучна институција за спроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик, конечно ќе профункционира. Владата ја назначи лиценцираната лекторка Менче Андреева од Велес за прва директорка на Инспекторатот. На ова именување се чекаше повеќе од една година.

Објавено на

часот

Сподели

Измените во Законот за употреба на македонскиот јазик беа изгласани лани во јануари. Примената на одредбите од законот беше во застој поради неподготвеност на институциите.

Андреева на местото директорка на Инспекторатот за македонки јазик доаѓа од работното место професорка по македонски јазик во основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари, Велес. Со ова иманеување се очекува конечно да почне системската проверка и надзор на примената на македонскиот јазик во институциите и во медиумите.

Инспекторатот ќе има задача не само да опоменува, туку и да изрекува казни за непочитување на законот.

Оваа институција е важен чекор кон унапредување на јазичната култура во јавната комуникација, но и доказ дека стандардниот македонски јазик мора да се негува и штити на институционално ниво.

Текстот на предлогот-законот за употреба на македонскиот јазик го подготви претходниот состав на владиното тело – Совет за македонски јазик и Министерството за култура под раководство на претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Андреева беше членка на Советот на Општина Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и по именувањето на раководна позиција во Инспекторатот се повлекува од Советот.

Сега се чека на официјалната регистрација на Инспекторатот во Централниот регистар.

Со измените во законот задолжително е лекторирањето на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта.

Со овој закон предвидено е и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на додипломски, магистерски и докторски студии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ