Учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 18 часот и 5 минути, симболизирајќи го задоцнетото институционално дејствување, а оттаму се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани и Полициската станица. Пред Основниот суд и Јавното обвинителство упатија јавен повик за детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка.
„Сметаме дека од суштинско значење е Основното јавно обвинителство во Кочани целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можеме да ги отстраниме сите дилеми коишто се јавуваат кај нас во врска со спроведената постапка. Неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиеме информации преку медиуми или од неофицијални канали, па очекуваме транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна и бараме одговорност и вистина, не само заради нас, туку и заради иднината и никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија“, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син загина во „Пулс“.
Писменото барање до обвинителството за објаснувања околу обвинителниот акт родителите ќе го поднесат в понеделник, а побараа поддршка и од Коалицијата за правично судење и од „Транспаренси Македонија“.
„Јавно ги повикувам да се вклучат во борбата за правда на мојот убиен и пеплосен ангел Моника Спасова, да бидат мониторинг, да надгледуваат и следат сѐ што се случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Барам помош и од Европската унија да се вклучи како дел од мониторингот во постапката“, порача Верица Трифунова, мајка чија ќерка е меѓу настраданите во трагедијата во Кочани.
Родителите на починатите во „Пулс“ истакнаа дека ја продолжуваат борбата за правда и дека имаат право да знаат кои лица се обвинети, а кои не се и кои се причините за тоа. Додадоа дека се загрижени што и покрај нивните укажувања и конкретни наводи, одредени лица воопшто не биле повикани ниту на распит.
А, градскиот шаховски клуб „Кочани“ денеска беше домаќин на првиот Меѓународен турнир во шах што се организира во спомен на жртвите од пожарот и за хуманитарна помош во третманот на повредените во трагедијата.
Под мотото „Играме шах за Кочани“ турнирот се одржува со поддршка од Општина Кочани и од Шаховската федерација на Македонија, а учествуваа 115 шахисти од сите клубови во државата, како и од Србија, Бугарија и Албанија. Иако беше најавено учеството, не допатуваа натпреварувачи од Црна Гора и Косово, но нивните шаховски федерации учествуваа со финансиска помош за повредените.
На отворањето на турнирот, претседателот на ГШК „Кочани“, Благој Ситновски најави дека тој ќе биде традиционален и секоја година ќе се одржува на една недела пред 16 март. Од македонската шаховска федерација нагласија дека на натпреварите ќе се игра забрзан шах во девет кола по швајцарски систем, а турнирот ќе биде отворен за сите шахисти, без оглед на рејтинг, титула или место на живеење.
„Шаховската јавност во Македонија покажа дека сочувствува со Кочани и со семејствата на лицата кои го загубија животот, како и со повредените во несреќата на 16 март, и таа трагедија никогаш не треба да се заборави. Турнирот ќе продолжи да се одржува и во наредните години и ќе се рејтингува согласно ФИДЕ-правилата“, истакна Зоран Стојчевски, член на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија.
Меѓународниот шаховски турнир го отвори в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски нагласувајќи дека главна цел е да се врати популарноста на шаховската игра меѓу младите, за што Локалната самоуправа ќе обезбеди соодветна финансиска и друга поддршка.
Наградниот фонд за турнирот го обезбеди Општина Кочани, а сите приходи ќе бидат донирани во фондот за загинатите и повредените во несреќата во клубот „Пулс“