„Нашата земја има една од најстарите традиции на производство на вино во Европа, со одгледување винова лоза која датира од пред повеќе од 2.000 години. Од античкo време до ден-денес, виното отсекогаш било симбол на култура, гордост и идентитет за нашиот народ“, вели Александра Ристова, раководител на одделот за управување со лозови насади во ВВ Тиквеш.
Во последните две децении македонското квалитетно вино почна да се изборува за приматот што го заслужува. Ако во 2005 година, 92% од извезеното вино било наливно, денес околу една третина од виното што завршува на странските маркети и ресторани е флаширано. Тоа значи подобар имиџ, повеќе приходи и градење успешна и позитивна бренд приказна. Но, во моментов се испишува ново поглавје од таа приказна, кое ќе го направи виното уште поконкурентно и рамноправно со светските вински региони. Станува збор за воведување на Систем за географска ознака на вино.

Што значи географска ознака на вино и зошто е важна?
Географската ознака е симбол што се става на секое шише вино кое има специфично географско потекло и соодветно ниво на квалитет и репутација кои произлегуваат од тоа потекло. Но, за да се стигне до моментот тој мал симбол да се содржи на етикетите на дел од македонските вина, неопходно е да се спроведе сеопфатен и робустен процес на креирање Систем за географска индикација (ГИ).
Воведувањето стандарди за географска ознака опфаќа неколку клучни аспекти. Неопходно е јасно разграничување на кој се одгледуваат лозови насади врз основа на природни фактори како почва, клима, надморска височина. Потоа, постојат детални правила за сортите грозје, максималните приноси и техниките на производство на вино. Мора да се воведат научни аналитики за да се докаже квалитетот и типичноста на виното, како и верификација од независно сертифицирано тело. Процесот се заокружува со поставување заштитен знак на етикетите на виното.
„Воведувањето и примената на стандардите за воспоставување систем на географска ознака во Северна Македонија не е само техничка неопходност, туку и стратешка визија за иднината на нашата винска индустрија. Тоа гарантира дека ќе го заштитиме нашето наследство, ќе ја зајакнеме нашата конкурентност и ќе го споделиме нашиот автентичен идентитет со светот“, вели Ристова.
Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина на Македонија“, објаснува дека Системот за географска ознака не е само техничка процедура, туку и визија. Идејата за негово воведување постоела одамна, но дури во последните неколку години, со заедничка работа на винариите и поддршката од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), процесот добива конкретна форма.

„Само ако имаме Систем на географски ознаки воспоставен според стандардите на Европската Унија, може да се сметаме за вистинска винска земја. Тоа не е само гаранција за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација“, вели Младеновска-Јеленковиќ.
Во изминатите две и пол години интензивно се работи на воспоставување на Системот за географска ознака. Во април 2024 година се донесоа неопходните измени во Законот за вино, а во меѓувреме се спроведоа обуки за лозарите и винариите.
„Поддршката од германската влада, преку GIZ во овој процес имаше огромно значење, особено во пренесување на ЕУ перспективата преку експертска поддршка, трансфер на најдобрите практики и зајакнување на капацитетите на винариите и лозарите за одржливо производство на грозје и вино“, истакна Младеновска-Јеленковиќ.
„Спроведовме низа активности кои беа пред сè насочени кон одржливо производство на грозје и вино. Организиравме тренинзи за дигитализација, органско лозарство и винарство и унапредување на пазарот на вино, на кои имаше повеќе од 900 учесници. Исто така, повеќе од 60 претставници од македонските винарии имаа можност да стекнат значајни знаења и искуства преку студиските посети во винските региони Тоскана и Бароло во Италија“, изјави Ирена Џимревска, советник во GIZ.
Воведување на овој систем не е значаен само за големите производители на вино, туку ќе донесе низа придобивки и за малите винарии и за лозарите.
„Процесот кој го почнавме после долго одложување и чекање подразбира пред сè воведување стандарди за производство на грозје, идентификација на добиен прозвод вино од стандардизирано грозје со точно дефинирана област на прозводство каде што доаѓаат до израз тероарните карактеристики. За малите винарии секако значи додадена вредност на нивниот производ, заштита за квалитетот и можност за зголемена продажба“, вели Илија Јанчев, сопственик на малата винарија Венец, кој покрај со производство на вино, се занимава и со одгледување грозје.

Вардарска долина – прва географска ознака
Вкупната територија на Македонија е поделена на три вински региони и 16 вински области, од кои најголем е винскиот регион Повардарие, каде се лоцирани 87% од винските насади и 90% од винариите. Токму затоа, Вардарска долина ќе биде првата географска ознака која ќе се најде на етикетите на македонските вина.
Процесот го координира новоформираната организација „Повардарски ВРВ“, кое наскоро треба да биде признато како овластено тело за географска индикација и да обезбеди институционална рамка за управување и спроведување на системот.
„Идните чекори се усвојување на правилници и протоколи за производство на грозје и вино, акредитирање контролно тело за независна сертификација, поднесување барања за регистрација на поединечни географски ознаки на вина и промоција и заштита на ознаките на национално и меѓународно ниво. Сето ова ќе овозможи воспоставување функционален и одржлив систем на географски ознаки, кој ќе придонесе за зголемена конкурентност, квалитет и препознатливост на македонските вина на пазарот“, објаснува Милица Плетварска, извршна директорка на „Повардарски ВРВ“.
Еден од првите системи за географска ознака на вино е воведен во Франција, на почетокот на 20 век. Повеќе од 100 години подоцна, Македонија е на чекор да стане дел од друштвото на глобално признати производители на вино со специфична географска нота.
„Географската ознака не е само етикета. Таа е печат на автентичноста и доказ дека виното што го пиете има душа, потекло и приказна“, завршува Ристова.
Токму таа приказна за спојот на традицијата и науката, за трудот и страста на лозарите, за земјата што создава вино со срце, е она што може и треба да ја прави Македонија нова светла точка на винската мапа на светот.






