На 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, Македонскиот културен центар во Софија започна со настаните од програмата за одбележување на својата 20-годишнина, со претставување на рециталот „Светопис за сесловените“, посветен токму на светите браќа Кирил и Методиј, односно 1.140 години од раѓањето на Методиј и 1.163 години од Моравската мисија. На овие историски точки беше поставен темелот на словенската писменост и духовност.
Во исполнетиот простор на Македонскиот културно-информативен центар, директорот Зоран Пејковски потсети на значењето на 24 Мај, со пригодно предвање на тема „Светите браќа Кирил и Методиј – темелот на словенската писменост, култура и духовност“.
„Денес стоиме пред едно возвишено историско и духовно наследство, чиешто значење не згаснува низ вековите, туку напротив – постојано расте со секоја генерација што ја цени просветата, јазикот и културната самобитност. Говориме за делото и мисијата на светите браќа Кирил и Методиј – визионери, мисионери, реформатори, и пред сè, творци на културниот идентитет на целиот словенски свет“, истакна Пејковски.
Тој нагласи дека за да ја разбереме нивната величина, мора да се вратиме во Европа од деветтиот век – време на интензивна христијанизација, политички притисоци и културна хомогенизација, особено од страна на Византија и Светото Римско Царство. Словенските народи во тој момент се предмет на духовно и политичко влијание од повеќе страни – грчки, латински и германски извори се натпреваруваа за нивната душа и идентитет.
Во тој контекст, се појавуваат браќата Константин (подоцна Кирил) и Методиј, родени во Солун – град со силно словенско присуство. Нивниот мајчин контакт со словенскиот јазик, како и високото византиско образование, ги прават идеални амбасадори на една нова културно-духовна мисија.
Професорот Пејковски во своето излагање констатира дека „најреволуционерниот чин на Кирил и Методиј беше создавањето на глаголицата – првото писмо создадено со лингвистичка свест и мисионерска цел“.
„Ова писмо не беше само збир на симболи. Тоа беше резултат на длабоко познавање на звуците на словенскиот јазик и филозофска основа заснована врз христијанскиот концепт на ‘логосот’ – зборот како почеток на сè. Создавањето на писмо за народ без писменост е чин на културна еманципација. Преку глаголицата, Словените првпат добиваат литературен и литургиски израз на својот мајчин јазик – старословенскиот. Тоа не беше само превод, туку духовно преобразување, со што јазикот на народот стана јазик на верата, науката и културата“, кажа Пејковски.
Директорот на македонскиот КИЦ во Софија, заклучи дека делото на светите браќа не е само историско сведоштво.
„Тоа е жив процес на културна и духовна еманципација кој сè уште е актуелен. Без нивната иницијатива, многу словенски народи ќе останеа без писменост со векови. Нивниот труд е основа на: македонскиот литературен јазик, бугарскиот и српскиот старословенски, рускиот црковен јазик, украинската книжевна традиција, словачката и чешката духовна писменост… Со легализирање на словенскиот јазик како богослужбен, тие ги поставија основите на национална и културна автономија – чекор пред модерниот концепт на „јазик како симбол на нација“. Кирил и Методиј беа мост меѓу цивилизациите – меѓу Истокот и Западот, Византија и Рим, хеленската филозофија и словенската усна традиција. Тие беа предвесници на денешниот концепт на културна дипломатија“, кажа Пејковски, потсетувајќи дека во 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи Кирил и Методиј за заштитници на Европа, заедно со Бенедикт од Нурсија, како и дека денес, повеќе од 250 милиони луѓе го користат кириличното писмо, а милиони православни и католици ја слават нивната духовна и културна мисија.
Како завршна порака во своето обраќање, Пејковски нагласи дека „нашата обврска не е само да се сеќаваме на нив, туку и да го чуваме нивното дело, да го унапредуваме јазикот, да ја почитуваме културата и да вложуваме во знаењето, исто како што тие вложиле сè што имале – ум, срце и вера“.
Отворање на изложбата „Траг“ – заеднички уметнички проект на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски
Како своевидно „програмско совпаѓање“, на денот на одбележувањето на Свети Кирил и Методиј, во македонскиот КИЦ во Софија, беше отворена и изложбата насловена „Траг“, заеднички уметнички проект на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, двајца автори кои низ својата работа постојано ги прошируваат границите на современата визуелна уметност.
Првиот впечаток на присутните во КИЦ-от беше дека „Траг“ е повеќе од изложба, односно уметничко патување низ сенките на постоењето, визуелна рефлексија на она што останува зад нас – и во материјата, и во емоцијата. Преку динамична употреба на црни тонови, линии и текстури, оваа изложба го истражува присуството на отсутното и ја преиспитува темнината не како крај, туку како длабока и богата почетна точка за перцепција и созерцание.
Анчевски и Стојаноски користат комбинирани медиуми за да создадат дела што не само што се гледаат, туку и се чувствуваат. Површините што ги обликуваат нивните дела се живи – тие вибрираат, се движат, дишат. Секој слој боја, секоја линија, секоја текстура е траг – не само визуелен, туку и емотивен, интимен, човечки.
Со оваа серија на апстрактни дела и видео инсталации, уметниците понудија нова перспектива – на темнината како потенцијал, на трагата како сведоштво, на уметноста како мост меѓу внатрешниот и надворешниот свет.
Директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, им врачи благодарници на уметниците, кои со својата современа уметничка визија дадоа свој придонес во одбележувањето на 20-годишнината од постењето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Програма за одбележување на 20-години од Македонскиот културно-инфрормативен центар во Софија
Всушност, проектите од програмата за одбележување на 20-годишнината од постењето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, почнаа да се реализираат уште во март, со изложбата на Марта Патлиџанковска. Планирани се и гостувања на неколку македонски театри во Бугарија, во текот на годината, односно претстави од Битолскиот народен театар, Драмски театар од Скопје, Велешкиот театар, како и на Албанскиот театар од Тетово. Во тек се и договори за гостување на „Танец“, но треба да се најде соодветен слободен термин во набиената програма со гостувања на Македонскиот национален ансамбл за народни игри и песни. Исто така, големи се шансите за реализација на проект за поетски театар. Освен настапите на уметници од Македонија, во програмата што ја презентираше директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, наведена е намерата за претставување на културниот и туристичкиот потенцијал на 13 македонски општини.
„Сакаме да направиве една научна конференција за улогата на КИЦ-овите, на тема ‘Стратегиски цели и развој на културната дипломатија’. Затоа сите четворица директори на македонскиоте културно-информативни центри во странство, ќе бидат гости во Софија“, инфромираше на прес-конференција директорот на софискиот КИЦ, Зоран Пејковски.
Понатаму, се очекува гостување на Кинотеката на Македонија, со изложбата Македонски филмски плакат. Треба да се организираат и неколку поетски портрети и промоции на книги.
„Значаен настан на кој ќе учествуваме е Европска ноќ на литературата, кој е под покровителство на Европската комисија и мрежата ЕУНИК. Се случува по 14-ти пат во Софија, а македонскиот КИЦ ја претставува Македонија со македонски автор, чијашто книга е преведена на бугарски“, вели Пејковски.
Во 2025 година, македонскиот КИЦ во Софија ќе продолжи да организира промоции на македонски автори, чии дела се преведени на бугарски јазик. Овие настани ќе бидат збогатени со средби со: авторите, бугарски и македонски издавачи, литературни критичари и новинари, пред публика која што е заинтересирана за современата македонска книжевност.
Учеството на македонските автори на фестивали и ликовни колонии во Бугарија ќе се реализира во соработка со реномирани културни институции во Бугарија, а македонскиот КИЦ во Софија ќе продолжи да учествува на: фестивали, ликовни колонии, поетски читања, филмски и музички манифестации.
„Во 2025 предвидуваме учество на настани како: SoFest, Софискиот филмски фестивал, Sofia Singer Songwriter – фестивалот, Франкофонскиот фестивал во Созопол, Поетскиот фестивал Орфеј во Пловдив, Свето слово во Бургас и други манифестации“, информираше Пејковски.
Како дел од паневропската манифестација, „Европска ноќ на јазиците“, Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе го претстави македонскиот јазик како нематеријално културно наследство, заедно со уште дваесетина јазици. Настанот вклучува: читања од познати актери, музички перформанси, разни креативни активности за млади, промотивен материјал и интерактивни работилници.
Од ноември 2024 година Македонскиот КИЦ е дел и од иницијативата „Поезија во метрото“, каде поетски дела се прикажуваат во вагоните и станиците во софиското метро. Овој проект продолжува и во 2025 година, со нов автор и нова тема, видливоста на поезијата во секојдневието.
Научно-културна програма со предавања на реномирани научни истражувачи и академски професори: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Илија Велев од областа на медијавистиката, проф. м-р Роберт Велјановски од областа на театарската уметност и актерската игра, проф. д-р Митко Панов и проф. д-р Лилјана Гушевска со особен акцент на националната историја. Од областа наука за јазикот и литературна историја предавање ќе има проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Јани Бојаџи ќе говори за филмската, кинематографската и телевизиско-продукциската дејност, а за јазикот како нематеријално духовно наследство ќе говори м-р Александар Јорданоски. За дејноста на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и за афирмација на македонистиката во светот ќе говори проф. д-р Кристина Николовска. Програмата предвидува и настапи на повеќе афирмирани научни истражувачи од различни области на науката, образованието и културата.
Од програмата веќе се реализирани одбележувањето на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, со особен акценти на чествувањето на 80 – годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со предавање на професорот Михајло Марковиќ, чествување на 24 Мај, Денот на сесловенските и македонски просветител, Светите Кирил и Методиј. Понатаму треба да се одбележат 195 години од раѓањето на Григор Прличев, 195 години од раѓањето на Константин Миладинов, 125 години од премиерата на „Македонска крвава свадба“ одиграна во Софија 1900 година, 120 години од смртта на Христо Узунов, 90-години од раѓањето на Ташко Георгиевски, 90 години од раѓањето на Живко Чинго.
Особен акцент програмата има на афирмација на значајни културни институции како дејноста на НУ Завод за заштита на споменици на културата и Музеј-Охрид, информираше Пејковски.
Предвидени се изложби на еминентни ликовни уметници како Сергеј Андреевски и Мирослав Масин, изложба на Националната галерија, изложба на Експериментален цртеж на ДЛУМ, потоа на Детското ликовно студио Мал битолски Монмартр“ и други, Македонскиот КИЦ планира потпишување договори за соработка меѓу македонски и бугарски институции од културата, но и концерти на: музичкиот квартет на Пламенка Трајковска, Камерен концерт на Горјан Стојановски, пијано и Ева Живковска, сопран, концерт на Исмет Вејсели, Алба Зеќири и Шкељзен Бафтиари, музички рецитал на Горјана Стојановска, потоа Концерт на Пијано трио на Татијана Петрушевска, Концерт на групата Баклава, Концерт на Димов квинтет, КУД Дримкол од Вевчани, концерт на Триото Интерарт, како и книжевни портрети на писателите: Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Елизабета Шелева, Владимир Илиевски, Анде Јанков, Јордан Коцевски, Елизабета Питулкова и други.
„Оваа програма не е само план, таа е платформа за меѓународна културна соработка. Македонскиот КИЦ во Софија се потврдува како жива, ангажирана и иновативна институција, која на интернационален план ја афирмира македонската култура и културната дипломатија, зближувајќи го регионот преку уметноста и дијалогот. Медиумите се партнер, поддршка и афирмација на македонската култура во светот, за што искажуваме јавна благодарност“, заврши Пејковски.
Ј.П.