Како што напомена Љутков, буџетот за културата за 2025 година е зголемен за 55 милиони денари. Со правилно планирање на средствата, видно зголемување на програмите има во драмската програма за околу 40 отсто, за меѓународна и заштита на аудиовизуелните добра зголемувањето е 30 отсто, за визуелни уметности, архитектура, дизајн, библиотечна и издавачка дејност за 25 отсто, а прв пат се воведени и делегирани буџети во 18 установи.
„Во 2024 година наследивме култура без стратегија, без утврдени приоритети и акциски план, годишна програма со скратени средства, инвестиции сведени на минимум без динамика на рализација и целосно девастирани институции. Наследивме долгови од 273 милиони денари само по основ на плати во националните и локалните установи кои ги обезбедивме веднаш со ребалансот на буџетот. Дополнително, обезбедивме и 71 милион денари за програмски активности и преку 78 милиони за проекти за општините. Од денешна перспектива можеме да кажеме дека културата повторно е во фоксуот на јавната сцена и јавниот живот, добива политки кои носат реални резултати, иституциите добија нова енергија, а граѓаните квалитетна богата културна понуда“, напоемна министерот.
Информира и дека е реализиран реформски годишен конкурс за поддршка на проектите од национален интерес во културата, како и дека прв пат се донесени посебни акти поврзани со постапката за спроведување на годишните конкурси.
„Од 124 институции, само во две управните одбори ги уважиле жалбите на мал дел од вработените, едната е НУ Археолошки локалитет Стоби, која е под Министерството за култура и туризам, а другата е Универзална сала, каде само ги исплаќаме платите, а директор и управни одбори назначува Град Скопје. Тие доставија нови пресметки на плати, им вративме дека ќе мора да ги направат пресметките така како што сме се договориле, според Законот за култура, според Колективен договор, според Општиот договор. Се надевам дека во наредниот период ќе ги исправат пресметките и ќе ја добијат платата во најбрз можен рок. Претпоставувам дека тие беа првите и последните институции кои доставија ваква пресметка на плата и во иднина нема да постои ваков проблем“, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Одговораќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за сработеното во изминатата година, Љутков информира дека Инспекторатот за македонски јазик е формиран, назначен е и директор, а во тек е систематизацијата која треба конкретно да дефинира какви работни места се потребни.
„Кога ќе заврши таа фаза, ќе почнеме со вработување и во инспекторатот, но и на лектори во сите институции согласно Законот за македонски јазик“, потенцира министерот.
Во врска со чистењето на Калето, нагласи деека очекува целиот процес да биде заокружен до крајот на годината.
„Ја направиме динамиката за да нема повторно застој. Она што видовме што се случува беше мал процент, потоа викнавме стручни екипи кои увидоа многу поголеми проблеми создадени од активното неодржување на Калето и во двата музеја. Од таа причина се создаде поголем вакуум простор за реализација, но фазата е при крај, почнуваме со чистење, а по ребалансот ќе продолжиме непречено да работиме и се надевам дека до крајот на годината ќе биде готово“. истакна Љутков.