петок, 13 февруари 2026
Од Кочани до Кран Монтана

„Ла Констеласион“ како огледало на „Пулс“: Сведочењата на вработените откриваат одлуки што довеле до трагедиите

Трагедијата во барот „Ла Констеласион“ (Le Constellation) во Кран Монтана, во која загинаа 40 лица, сè помалку изгледа на несреќен случај, а се повеќе на последица на избори на сопствениците со кои ја занемариле безбедноста. Во таа насока и швајцарското обвинителство ја гради обвинителната теза за „убиство од небрежност“ против сопствениците Жак и Џесика Морети. Тежиштето на истрагата се гради околу сведочењата на луѓето кои биле вработени во локалот, техничките предупредувања што биле дадени на време, но игнорирани со години и секојдневните одлуки на сопствениците кои, од денешна перспектива, личат на потези кои воделе кон неизбежна трагедија.

Објавено на

часот

Сподели

Во Кран Монтана видлива е хронологијата на игнорирање на опасноста, односно истрагата покажува дека менаџментот на објектот бил свесен за ризиците долго пред кобната новогодишна ноќ. Луксузниот бар бил претворен во „стапица“ со игнорирање на стандардите за безбедност и на инженерските прописи за овој тип на угостителски локали. Тие се потиснати од естетските промени во просторот и желбата да  се креира повеќе простор за гости за да се заработи повеќе.

Швајцарската јавна телевизија РТС објави снимки од новогодишната ноќ 2019/2020 година, каде јасно се гледа и слуша како вработен во барот алармантно ги предупредува гостите: „Внимавајте на пената!“. Ова предупредување се однесувало на лесно запаливата полиуретанска пена на таванот. И покрај тоа што персоналот бил свесен за опасноста, во барот редовно се користеле „фонтани“ (украсни прскалки) на шишињата шампањ, што на крајот и го предизвикало пожарот.

Сопственикот Жак Морети (49), човек со контроверзно минато и претходни осуди во Франција и Швајцарија, признал пред истражителите клучни факти кои ја запечатуваат неговата вина: сам ја набавил звучната изолација од продавница за техничка стока и ја поставил на таванот без соодветни проверки дали е безбедна за јавен објект. Тој признал дека сервисната врата во приземјето била заклучена одвнатре за да се спречи влез на гости без билети. Морети изјавил дека тој самиот ја отклучил вратата од надвор за време на пожарот, каде нашол напластени безживотни тела на жртви кои се обидувале да излезат. При реновирањето во 2015 година, сопствениците одлучиле да ги стеснат скалите што воделе од подрумот за да се добие повеќе простор за маси.

Поранешниот менаџер Ерик Досдо, во изјава за РТС на 12 јануари 2026 година, вели: „Не разбирам зошто ги намалија скалите до толкава мера. Веројатно за да изгледаат поубаво“. Токму на дното на тие претесни скали биле пронајдени 34 од 40-те жртви.

Во сведочењата пренесени од медиумот е и вработената која укажува дека обележувањето на излезот за итни случаи не било доволно видливо.

Техничката анализа објавена од француската документарна станица РМЦ Декуверт (RMC Découverte) на 3 февруари ги пренесува зборовите на Франк Мајар, потполковник на швајцарската противпожарна единица: „Кога овој тип на полиуретан се пали, тој ослободува цијановодород и хлороводородна киселина… вистински бојни отрови“. Токсичните гасови предизвикале феномен „flashover“, претворајќи го целиот воздух во просторијата во пламен за само неколку секунди. Во такви услови, искрата не е причината за масовната смртност. Причината е дека просторот бил однапред „подготвен“ да стане пекол.

Швајцарската истрага последнава недела на површината вади нови факти кои илустрираат дека сопствениците ја занемариле безбедноста во просторот, што често е причина за масовна смртност. Во извештајот на Блик (Blick) од 12 февруари се наведува дека при во последното сослушување на сопствениците обвинителството го отвора и прашањето за обуката на вработените. Џесика Морети признала дека вработените не биле обучени како да постапуваат при пожар и дека немало евакуациски вежби, бидејќи „никој не им побарал“. Иако имале одговорност да обезбедат сигурен простор за гостите, во реалноста се покажа дека никој не знаел што да прави кога чадот и паниката го пресекле патот до излезот.

Идентична анатомија на негрижата и во „Пулс“

Паралелата со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е морничава. Сведоштвата откриваат дека менталитетот на сопствениците и техничките пропусти се речиси идентични.

Сведокот Петар Марковски пред судот откри дека по реновирањето во 2024 година, помошниот излез бил покриен со сепариња и станал нефункционален. Таму, излезот се користел како врата зад која се криеле малолетници за време на полициските рации.

И во „Пулс“, како и во Кран Монтана, плафонот бил спуштен и обложен со запалив сунѓер. Кобната вечер, кога биле активирани огнените прскалки на сцената, искрите кои стигнале до спуштениот плафон инстантно го запалиле и пожарот се проширил со екстремна брзина. Немало лице кое требало да се грижи дали има услови и како да се користи пиротехниката.

Шанкерот Дејан Манасиев призна дека вработените работеле без договори и без никаква обука за евакуација. Иако постоел хидрант, командирот Драган Апостолов посведочи дека цревото немало вентил и не можело да се користи.

Двата случаи покажуваат дека вистинската одговорност не лежи во архивираните документи од пред една деценија, туку во одлуките донесени во сегашноста, во материјалите што сопствениците ги вградувале на своја рака и излезите што ги заклучувале за профит. Малолетници имало меѓу гостите и во двата локала. Лесно запаливите материјали не се грешка. Тие биле избор. Стеснетите скали не се несреќно решение. Тие се избор. Огнот не се ширел затоа што „така мора“, туку затоа што материјалите и конфигурацијата на ентериерот го претвориле локалот во механизам што произведува паника, чад и непроодност за неколку секунди. Заклучената врата, блокираниот излез, нефункционалниот хидрант се сите одлуки кој некој ги донел, а воделе кон предвидлива последица.

Од слушнатите сведочења во Македонија и во Швајцарија, јасно е дека ја враќаат одговорноста во секојдневните одлуки на директните чинители. Наместо што требало, што навистина постоело во кобната ноќ – простор уреден на начин што го отежнува спасувањето, а и трагедијата ја направил поверојатна.

Кога овие две приказни се ставаат една до друга, сведоштвата на вработените и техничките експерти во Кран Монтана се јасен патоказ и за македонското правосудство дека правдата се постигнува кога вината ќе се индивидуализира кај оние кои директно ја создале опасноста.

Р.Ф.

(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)

Презумпцијата на невиност како столб на правдата: Како швајцарската смиреност победи пред стихијниот притисок

Исчезнатите снимки пропуст во доказите, истрагата усложнета

Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?

Од Кран Монтана до Кочани: Идентична анатомија на негрижата

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ