четврток, 12 февруари 2026

Куновска за акциите на запленета марихуана: Власта глуми спектакл, а опозицијата селективно се возбудува

Без осомничени, без приведени, без име и презиме, „аферата“ со 40+5 тони канабис со која власта триумфално се фотографира изминатите денови повеќе личи на драмолетка од евтина продукција отколку на сериозна акција на правна држава. Големи бројки, многу камери, нула одговорност, реагира на социјалните мрежи Софија Куновска, поранешна пратеничка и високопозиционирана функционерка во СДСМ

Објавено на

часот

Сподели

„Уште позагрижувачко е што за СДСМ производството на вакви астрономски количини канабис, очигледно наменети за црниот пазар, речиси и да не е тема. За нив сè друго е во ред, не е многу важно прашањето кој произведувал, кој профитирал и под чие покровителство функционирал овој бизнис, ама затоа пет дена држат прес конферениции на кои потенцираат дека најважно било тоа како „петте тони“ ја поминале границата.

Како да е помал проблем што некој произведувал десетици тони дрога, а поголем што некој не ја запрел на рампа“, пишува Куновска.

Таа поставува и прашање дали занемаривме и една друга сериозна дилема: што ако акцијата е дел од поширока, меѓународна операција?

„Што ако намерно се дозволува движење на дел од количината, со цел да се открие целиот синџир, од нелегалното производство, преку логистиката, до крајните организатори и финансиери? Во такви случаи, јавноста често не ги знае сите детали, бидејќи откривањето може да ја загрози истрагата.

Што и ако здружените картели, на кои очигледно им кумуваат припадници на владите на државите во различни периоди и состави сега се принудени да ги раскинат врските со криминалното подземје па не знаат како.

Токму затоа е потребна институционална сериозност, а не медиумски спектакл. Ако е меѓународна операција тогаш нека се каже дека истрагата е во тек и дека следуваат одговорности. Ако не е, тогаш позицијата на владта станува уште потешка“, проценува Куновска.

Истовремено констатира дека наместо јасна стратегија и транспарентна комуникација, добиваме политичко надвикување.

„Наместо да се бараат организаторите и профитерите, се бара дежурен виновник. Политички поудобно, но суштински недоволно. Додека власта глуми спектакл, а опозицијата селективно се возбудува, јавноста останува без одговор на клучното прашање: кој стои зад производството и каде завршуваат парите?“, прашува Софија Куновска, заклучувајќи дека „Македонија и натаму останува земја во која криминалот и политиката наместо на правда се сведуваат на саморекламирање и импровизација“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ