Прашана за тоа какви гаранции може да даде ЕУ на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот понатаму, Кос нагласи дека нивната „политичка цел е да се отворат преговорите за Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом Македонија ќе ги задоволи релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени“.
„Сметам дека е многу важно, а денешниот состанок само го покажува тоа, дека Македонија треба да се подбутне на патот кон проширувањето, особено со оглед на тоа дека некои други земји се силни конкуренти за завршување на претпристапните преговори. Сите препознаваме дека ова не е лесно, но можноста е отворена сега за проширување и ние сите треба да ја искоирстиме оваа шанса. И сите треба да придонесеме, не само овие две земји, туку сите од ЕУ да се изнајде начин што ќе овозможи Македонија да започне најскоро што е можно. Најдобра гаранција за овој процес е да се остварат резултати“, порача Кос.
Затоа, според Кос, од аспект на Комисијата важно е да се има конструктивен дијалог меѓу Македонија и Бугарија, и да се изгради дух на заедничка доверба и разбирање.
Прашана за коментар околу бугарските амандмани за извештајот за Македонија каде се бара „модерен (современ)“ македонски јазик и македонска нација, Кос рече дека според неа „членство во ЕУ е најдобар начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот“.
„Членството во ЕУ според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што ЕУ е изградена на приципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван“, изјави Кос.
Словенија, посочи Кос, исто така е мала земја со два милиони жители, но откако стана членка на ЕУ во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24-те официјални јазици на ЕУ.
Кос, исто така, посочи дека и во Молдавија работи на спречување на, како што вели истиот наратив дека ќе се изгуби јазикот и идентитетот.
„И откако Молдавија стана земја кандидат во моето портфолио, помагаме да се спречи рускиот наратив, што вели дека ќе го изгубат идентитетот. Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме и како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција. На пример манастирите во Македонија, погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“, порача Кос.
Сепак, премиерот Мицкоски, на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Кос, беше многу попретпазлив во одговорот на истото прашање. Тој рече дека очекува секаков инженеринг во Европскиот парламент (ЕП) и „јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата ‘не ги слушај што зборат, гледај ги што прават’.
„Што се однесува до верзијата од извештајот, којашто е сега пред европратениците, можам да кажам дека очекувам секаков инженеринг. Не би ме изненадило ништо. Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот, секогаш. Да тоа, е така дека ние го носиме со нас, длабоко во нас. Но, морам да признаам дека овие повеќе од три децении ние изгубивме голем дел од нашиот идентитет менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи устав. И во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ние треба да ја направиме, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата ‘не ги слушај што зборат, гледај ги што прават’. А тоа што го направија и сè уште прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед, нема никаква врска со европските вредности“, потенцира Мицкоски.
Тој подвлече дека македонскиот идентитет се и Гоце Делчев, и Груев, и Сандански, нешто со што вели, не е сигурен дека ќе се согласи нашиот источен сосед Бугарија.
„За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет“, рече Мицкоски прашан за тоа што се прави на дипломатски план во одос на највените спорни амандмани од бугарски европратеници за извештајот за земјава за „модерен“ (или современ) македонски јазик кои задираат во идентитетот, а којшто треба да се усвои во Европскиот парламент на пленарната сесија закажана за 8 јули.