петок, 9 мај 2025

Кос: Нема гаранции за Македонија дека по уставните измени ќе нема пречки во евроинтеграцијата

Никој не може да ѝ даде гаранции на Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА.

Објавено на

часот

Сподели

Во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, Кос вели дека гаранции не може да има.

„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по сѐ она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, вели Кос во интервјуто.

Според неа, ова не значи дека ЕК не работи на тоа да ѝ помогне на Македонија да ги почне преговорите по кластери и потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.

Еврокомесарката вчера замина за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.
„Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова прашање се меша со процесот на пристапување“, вели Кос.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.

„Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“, рече еврокомесарката за проширување, Кос.

Таа нагласува дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ