Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за програма финансирана од Генералниот директорат на ЕУ за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ) и има за цел да ја поттикне соработката меѓу помладите дипломати и службеници од земјите опфатени со процесот на проширување со нивни колеги од блокот и да придонесе за зголемување на нивното знаење за прашања поврзани со Унијата.
Наставната програма вклучува и заеднички активности со Дипломатската академија на ЕУ, со поддршка на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Како што соопшти Европската комисија, конкурсот е пред се прилагоден за помлади дипломати и службеници кои работат во областа на надворешната политика и пристапувањето на нивните земји кон ЕУ.
Право за учество на конкурсот, кој трае до 16 јуни, покрај од земјава, имаат и кандидати од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
Наставата ќе се одвива со физичко присуство во Бриж, а трошоците за образованието ги покрива Колеџот на Европа, со поддршка на ДГ ЕНЕСТ.
Се предвидува на конкурсот да бидат избрани меѓу еден и тројца кандидати од секоја од земјите кандидати за членство во ЕУ.
Избраните кандидати треба да се државјани на една од 10-те држави опфатени со процесот на проширување и да имаат најмногу до седум години работно искуство во националната дипломатска служба, во министерствата за надворешни работи или во други министерства или државни институции специјализирана за прашања поврзани со ЕУ. Предност ќе имаат службениците со статус на дипломати.
Покрај ова, апликантите треба да имаат завршено високо образование, течно да зборуваат говорен и пишан англиски јазик на ниво Ц1 и да имаат професионално искуство или познавања за прашањата поврзани со ЕУ и пристапувањето кон Унијата.
Тие ќе треба да достават и официјално писмо од нивниот работодавач, МНР или други министерства или државни институции, со кое се овластуваат за учество во петмесечната Дипломатска програма на Европската Унија.