петок, 12 декември 2025

Конечно почна поголема промоција на науката во Македонија, оптимист е министерката Јаневска

„Науката како патоказ во време на промени“ е насловена конференцијата што денеска ја организира Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА. Конференцијата се одржува во ИНОКС-центар во Скопје и е посветена на инспирирање на младите за значењето и улогата на науката во справувањето со современите општествени предизвици.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за образование и наука Весна Јаневска пред отворањето на конференцијата изјави дека е задоволна од тоа што, рече, „конечно почна поголема промоција на науката во Македонија“.

„Тоа беше неопходно, затоа што иновациите, научните достигнувања се нешто што во моментов во целиот свет се на голема цена. Многу ми е драго што тука гледам многу млади луѓе заинтереирани за работа во областа на науката. Како влада направивме многу за раздвижување на науката, имаме двојно поголем буџет, владата покажа интерес кон развој на науката и создавање на новата агенција ИНОВА, како и сите други активности кои ги презедовме, доделување проекти и одвоени средства за науката…“, рече Јаневска.

Порача младите да се вклучат во процесот што ги поврзува академијата и стопанството, посочувајќи дека Агенцијата ИНОВА е мостот преку кој, рече, тие ќе можат да се вклучат како млади научници, а да придонесат во иновации за развој на стопанството.

Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, изјави дека Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво постои за младите за да им даде реална поддршка да креираат  во нашата држава.

„Ако сакаме да ги задржиме младите тука, тогаш треба да им овозможиме реални можности каде што ќе можат да создаваат. Веќе заминува трендот на вработување во државна администрација, младите сега сакаат можности за самите да творат и креираат. Затоа е и идејата за основање на оваа институција“, истакна  Димовска.

На отворањето на работилница се обратија и претставниците на меѓународните партнерски организации. Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, посочи дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.

„Премногу ученици го напуштаат училиштето без основните компетенции што им се потребни за да успеат. Немаат вештини во математика, способност да читаат, анализираат и да го разбираат материјалот – тие се основните темели за доживотно учење. Без овие вештини децата се мачат и немаат напредок. Стратегијата за образование треба да биде смела и да гледа кон иднината, да ги применува новите технологии и вештачката интелигенција, но мора да се даде приоритет на основното учење. Не смееме да изгубиме од вид и дека децата што се обесправени поради сиромаштија, попреченост, етничка припадност и натаму се соочуваат со пречки во учењето и за нив е потребна насочена активност, да имаме јасни и мерливи цели, тоа треба да биде клучна компонента на која било стратегија. Ова значи одредување на цели кои се амбициозни, но остварливи. Да се утврди отчетност и системи за мерење на напредокот“, истакна Милер.

Како што рече, Македонија направи исклучителен напредок во изминатите неколку години и има јасни стандарди за учење и оценување, се развиваат нови наставни планови и програми и рамка за континуиран професионален развој.

„Меѓутоа, треба да бидеме доследни во спроведувањето, да имаме редовен мониторинг и осигурување на квалитетот. Во оваа смисла ја поздравуваме посветеноста на министерката да се обезбеди континуитет во иднина зашто  оваа стртаегија е многу важна за таа цел, без оглед која влада ќе биде на власт. Важно е да продолжиме со напредок за да го подобриме квалитетот на образованието“, порача претставничката на УНИЦЕФ.

И директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Давид Оберхубер укажа дека е многу важно стратегијата што ќе се усвои да биде применета и да не биде документ што ќе заврши во фиока.

„Сега сакаме да биде поинаку и гледам дека е поинаку – и од посветеноста на министерката, од тоа како се одвиваше самиот процес и од желбата на сите партнери, и затоа сме вклучени. Треба да се земат предвид мислењата на различни засегнати страни, на тој начин се создава долгорочен кредибилитет за стратегијата. И кога ќе дојде нова влада и ќе ја преземе стратегијата, можеби малку ќе ја преобликува, но основите ќе треба да останат исти“, рече Оберхубер.

Додаде дека 2032-ра е долг период во кој ќе има инвестиции за остварување на целите од документот. Притоа кажа дека како претставник на Германија, стручното образование за нив е меѓу најважните области и оти германската KFW банка и Германската стопанска комора „беа големи донатори за развој на стручното образование во државата“.

Ана Чернишова, заменик на постојан претставник на УНДП, рече дека стратегијата не е само политички документ туку „јасен патоказ за тоа како образованието треба да доведе до напредок и до остварување на милениумската развојна цел 4.

„За да се постигне таа цел, потребно е образовниот систем да се усогласи со барањата на  21 век во кој ChatGPT го менува светот. Потребни се нови професии за кои треба да размислуваме при изготвување на стратегијата зашто целиот образовен систем треба да го опслужува пазарот на трудот, а не обратно. Треба да се има предвид визијата за иднината – дигиталната транформција, вештачката интелигенција и зелената транзиција ќе претставуваат водечки сили во секое општество во светот“, посочи Чернишова.

Бојана Нацева, претставничката на Светска банка, исто така укажа на потребата да се одговори на барањата на новото време и да се креираат продуктивни работни места за кои се смета дека најмногу ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето.

„Никој од нас овде не ја гледа стратегијата за образование како технички документ, туку таа е рамка што ќе ја постави насоката во која сакаме да се движи нашето образование во следната деценија. За мене она што ја прави значајна и посебна оваа стреатегија е нејзината сеопфатност и начинот на кој се изработува – низ длабоко партиципативен процес,  со активно учество на сите засегнати страни, а само со таков пристап може да создадеме стратегија која е реална, применлива и заснована на потребите на самата заедница“, истакна Нацева.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ