понеделник, 8 декември 2025

Комеморација за киднапираните и убиени Македонци во 2001 година во тетовско Непроштено

Во тетовското село Непроштено денеска се одржa комеморативен настан посветен на киднапираните и убиени Македонци, жители на ова населено место во 2001 година. Се одбележа годишнина од свирепото убиство на Стојан Михајловски, како и од исчезнувањето на Крсто Гоговски, Цветко Михајловски и Васко Михајловски кои се дел од 12-те Македонци кои беа киднапирани во 2001 година.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот се одржа пред спомен-паркот во центарот на Непроштено, изграден во чест на киднапираните и убиени Македонци, а почна со помен-парастос за нивен спомен кој го одржаа двајца свештеници од тетовското намесништво.

Пред спомен-обележјето посветено на четворицата жители на Непроштено, потоа нивните семејства положија цвеќе, а почит им оддадоа повеќе делегации од Армијата, СВР Тетово, политички партии, како и граѓански здруженија.

Од иницијативниот одбор за одбележување на годишнината беше прочитан пригоден говор во кој беше посочено дека овие четири жртви никогаш нема да се заборават.

„Во ова свето македонско село, во нашето Непроштено никогаш нема да биде простено тоа што им се случи на Крсто, на Цветко, на Васко и на Стојан. Крсто Гоговски, кој целиот свој живот го посвети на најсветото дело, образованието, киднапиран од сопствениот дом без вина. Цветко Михајловски чесен работник, сопруг, татко и дедо, додека ги извршуваше секојдневните работи на нива беше киднапиран. Васко Михајловски, човекот кој на денот на својата свадба требаше да започне нов живот, но беше однесен и никогаш повеќе не се врати. Стојан Михајловски, работник, семеен човек, ѕверски убиен, заклан и оставен на полјаните, но неговата душа и денес лебди над нас како сведоштво за правдата што мора да ја бараме“, беше истакнато во пригодниот говор.

Овие луѓе не беа војници, не држеа оружје, не повредија никого беа цивили, обични граѓани кои станаа жртви само затоа што беа Македонци, беше посочено во завршните делови од говорот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ