вторник, 9 декември 2025

Коцевски: Интерпелацијата е политички инструмент со кој се овозможува упад во Јавното обвинителство

Функцијата јавен обвинител ја вршам чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност. Интерпелацијата согласно закон не е дозволена и претставува само потврда за неоснованоста на нападите со кои се соочува институцијата со која раководам и кои во крајна линија се една од основните причини за ниската јавна доверба во правосудните органи воопшто, напиша Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во одговорот на неговата интерпелација поднесена од шесте пратеници од Левица. Интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Коцевски е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана на 29 јули.

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува Коцевски во одговорот, постапката за одговорност на Јавниот обвинител на Република Македонија е уредена со лекс специјалис односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата.

„Тоа е така за да се гарантира функцијата на Јавниот обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на оваа интерпелација и се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер, што во основа покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт. Независно од тоа, со оглед на тоа што дел од наводите во поднесената интерпелација се исти или многу слични на оние со кои пред извесно време беше иницирана постапка за мое разрешување и на кои детално и прецизно одговорив, подговен сум и пред сите вас, како народни избраници, да одговорам на секое едно од овие неосновани тврдења“, пишува Коцевски во одговорот.

Според него, наводите на Левица во интерпелацијата се воопштени и во неа се содржат со ништо непоткрепени формулации од типот „разно-разни афери“, „низа скандали“ и „хаотична состојба во начинот на функционирање на обвинителството“, со кои, како што вели Коцевски, подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност и со тоа само го потврдуваат фактот дека интерпелацијата е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство.

Што се однесува до обвинувањата на Левица дека истрагата за пожарот во Кочани била селективна, Коцевски вели дека Јавното обвинителство во сите предмети, вклучително и во предметите оформени за одговорност по катастрофалната кочанска трагедија постапува исклучиво врз основа на доказите.

„Притоа осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ. Постапува спрема сите за кои се обезбедени докази. Постапува и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Постапува и против припадници на Министерството за внатрешни работи, високи полициски функционери, и тоа не во „предистрага“ како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување. Во уште неколку други институции и за други лица продолжуваат и натаму дејствија се додека не ја испитаме целосно линијата на одговорност. Трагедијата во Кочани не погоди сите. Јас лично неколкупати се сретнав со семејствата на починатите, им ги објаснив постапките и тие се веќе уверени дека пристапот што го има Јавното обвинителство за утврдување широка одговорност за оваа трагедија е правилен. Затоа, не само што не се чувствувам одговорен, туку се чувствувам и горд на работата на обвинителскиот тим кој за исклучително кратко време успеа да прибере огромен број докази за целосно утврдување на одговорноста. Очекувам фер и непристрасна судска постапка, во која ќе се докаже дека, имајќи ја предвид исклучително тешката последица, дејствијата на обвинетите целосно го исполнуваат законското битие на кривичното дело – Тешки дела против општата сигурност. И не станува збор, како што се наведува во интерпелацијата за некакво „чопоративно“ обвинување, туку секој од нив си одговара со свои дејствија и постапки со кои дал придонес за трагедијата да се случи“, пишува Коцевски во одговорот.

За наводите за политичко влијание од страна на премиерот Христијан Мицкоски, Коцевски тврди дека во ниту еден момент не постоел обид за политичко влијание.

„Постапката за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација. Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на „договорно мотивирана одлука преку ноќ“, како што се наведува во самата интерпелација. Јас од првиот момент на поднесување на иницијативата за разрешување до денес најодговорно тврдам дека не сум сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. Тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење за иницијативата за мое разрешување“, вели Коцевски.

За „функционалниот хаос “во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје како што пишува Левица во интрпелацијата, Коцевски вели дека се изнесуваат неточни, непроверени и пренесени информации, отколку реални факти.

„Токму констатираните состојби во Вишото јавно обвинителство Скопје беа повод да иницирам дисциплинска постапка против шефот на тоа обвинителство и против уште еден јавен обвинител во ВЈО Скопје. Дисциплинската комисија, која е целосно независен орган, таа иницијатива ја прифати едногласно, поведе постапка, ги испитуваше сите докази и повторно едногласно донесе одлука дека двајцата навистина сториле тешка дисциплинска повреда. По однос на одредените санкции не би коментирал, бидејќи одлуката се уште не е правосилна, но факт е дека во прв степен им се изречени најтешките санкции кои за ваква повреда се предвидени во Законот за јавното обвинителство. Каде е тука мојата одговорност? Дали требало да ги одмолчам пропустите и нестручноста со кои преку повлекување жалби и откажување од обвинение е нанесена штета на буџетот? Дали требало да одмолчам за нарушените меѓучовечки односи за кои одговорен бил шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје и за кое против него се води и кривична постапка? Јас избрав да не молчам и директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција. Дека одлуката била исправна потврди и целиот состав на дисциплинската комисија, а состојбите во Вишото јавно обвинителство Скопје веќе се подобруваат“, наведува Коцевски во одговорот на интерпелацијата.

За обвинувањата за непостапување по службена должност за дивоградбите на „урбаната мафија во Скопје“, Коцевски наведува, според него, два клучни факти кои во целост ги демантираат изнесените наводи.

„Првиот е дека, наспроти наведеното, Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави и во Општина Чаир, и во други скопски општини и во други градови во државата. Дел од нив се во предистрага, дел во истрага, за дел е поднесено обвинение, за некои има и судски постапки и одлуки. Јавното обвинителство постапува и ќе продолжи да постапува за секое бесправно градење констатирано и пријавено од надлежните органи и служби. Конкретно, за наводите на скопската градоначалничка, оформени се два предмети по нејзините пријави – едниот во ОЈО Скопје, другиот во ОЈОГОКК. И по двата се постапува во предистражна постапка, во рамките на која се дадени детални наредби на надлежните институции од правосудната полиција да обезбедат докази за проверка на наводите. Тука, би го нагласил и вториот факт, а тоа е употребата, односно повеќе злоупотребата на терминот „допрен глас“, предвиден како можност не само за јавниот обвинител, туку и за другите надлежни институции да оформуваат предмети врз основа на јавно слушнати наводи и информации за сторено кривично дело. Овој инструмент јавното обвинителство го користи во ситуации кога институциите надлежни за откривање на кривичните дела не си ја вршат својата работа и во случаи кога квантумот на јавно објавени информации е доволно голем за да овозможи основано сомнение за извршено кривично дело и сторител. Инаку, секој што во рамките на извршување на своите службени должности дознал дека е извршено кривично дело има законска обврска тоа да го пријави“, заклучува Коцевски во одговорот на интерпелацијата.

Интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Коцевски е ставен на дневен ред на собраниската седница закажана на 29 јули.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ