четврток, 12 февруари 2026

Климатски предизвик во Маврово: Локалните заедници во одбрана на водните ресурси

Со презентација на препораки и заклучоци, попладнeво во Маврово беше означен крајот на проектот „Water Wise Mavrovo“, кој се спроведуваше на територијата на Националниот парк Маврово. Изминатите шест месеци беа спроведени теренски истражувања, работилници и конкретни зафати кои треба да помогнат во зачувување на водата во природата и водниот потенцијал на најголемото заштитено подрачје во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Анета Филиповска проектниот менаџер од невладината организација ИГИ (Иницијатива за граѓански интеграции) истакна дека главната цел на проектот беше заштита и одржливо управување со природните ресурси на вода во регионот и зајакнување на локалната климатска отпорност со вклучување на заедниците.

„Како клучна почетна активност, беше спроведено првично теренско мапирање и мониторинг на водните ресурси во пет рурални заедници – Леуново, Ростуше, Маврови Анови, Требиште и Жировница – во рамки на Националниот парк Маврово. Оваа активност овозможи систематско собирање податоци за состојбата на водните извори, нивните сезонски варијации и потенцијалните ризици поврзани со климатските промени и антропогените влијанија“, рече Филиповска.

Покрај истражувачката компонента, проектот вклучи едукативни и практични активности со локалното население, земјоделци, жени фармерки, млади и ученици, насочени кон унапредување на знаењата за рационално користење на водата, примена на агроеколошки практики и зачувување на природните екосистеми.

Соработката со Јавната установа Национален парк Маврово била од клучно значење, смета првиот човек на паркот, Харис Ибраими, и како што нагласи проектот „Water Wise Mavrovo“ е пример за успешно партнерство.

„Активностите беа реализирани во согласност со режимот на заштита на Националниот парк и во непосредна координација со нашата институција. Особено ја поздравуваме примената на практични и еколошки прифатливи мерки, кои покажуваат дека климатската адаптација може да биде применлива и ефективна и на локално ниво“, рече директорот Ибраими.

За важноста на проектот и неговото влијание зборуваше и гостинката, канадската конзулка Ешли Дјурек. Во нејзиното обраќање таа ја истакна соработката на засегнатите страни, односно локалното население, институциите и граѓанскиот сектор во наоѓањето решенија на проблеми.

„Проектот создаде простор за дијалог и соработка, обединувајќи ги членовите на заедницата, засегнатите страни и институциите во насока на заедничко климатско планирање. Отпорноста кон климатските промени не може да се постигне изолирано“, рече Дјурек.

Во презентацијата на завршниот документ, беа дадени препораки и конкретни чекори за адаптација кон климатските промени и одржливо управување со водните ресурси во планински и заштитени подрачја. Проектот „Water Wise Mavrovo“, го спроведе ИГИ Гостивар во Маврово со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада во рамки на канадскиот фонд за локални инцијативи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ