Од Министерството за правда посочуваат дека го добиле мислењето од Венецијанската комисија, кое е според нив е конструктивно и претставува содржаен документ со јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои како министерство вложиле сериозен фокус.
„Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството“, се наведува во соопштението.
Со законот, како што посочија од Министерството за правда, предвидени се клучни новини.
„Се предвидува јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна. Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“. Истакнати нови, појасни квалификации. Воведување јавна расправа за кандидатите за несудски членови со цел поголема транспарентност и одговорност. Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите, како и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ“, велат од Министерството за правда.
За првпат, како што посочуваат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот.
„Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака“, истакнуваат од Министерството за правда и изразуваат очекување предлог-законот за Судски совет наскоро да биде усвоен во Собрание.