четврток, 12 февруари 2026

Касами најави реконструкција на „својот дел“ од Владата, па доби потсетување кој е премиер

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој е дел од коалицијата Вреди. како кадар на Движењето Беса, се најде во фокусот на јавна расправа меѓу лидерот на неговата матична партија Билал Касами и премиерот Христијан Мицкоски, во врска со неговиот ангажман во Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Во вчерашното интервју на ТВ 21, Билал Касами најави дека за вечерва свикал Централното собрание на партијата за да одлучи за кадровските прашања и позиционирањето на партијата.

„Лично, мислам дека капацитетот на Движењето Беса во Вреди и во Владата е многу поголем од она што досега го покажавме“, изјави Касами.

Меѓу другото, во интервјуто лидерот на Беса во врска со министерот Лимани рече дека голем дел од членството изразило загриженост за комуникацијата на министерот и дека тој како лидер на партијата може да предложи нов кадар за овој ресор ,кога на дневен ред ќе дојде реконструкцијата на Владата.

„Дури и во евентуална реконструкција на Владата, првата што ќе се случи, предлозите ќе дојдат од Вреди. И секако, почитувајќи ги предлозите од субјектите што го сочинуваат Вреди“, изјави Касами во интервјуто, прашан дали има овластување да го разреши Фатмир Лимани.

„Сметам дека перформансите на раководителите што ги води Движењето Беса би можеле да бидат уште подобри. За ова ќе разговарам вечерва на состанокот на партиските тела на Беса“, додаде тој.

Коментирајќи ги наводите на Касами, премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека е задоволен од работата на Фатмир Лимани и дека тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Воедно, Мицкоски го потсети Касами дека тој е мандатар на Владата и дека тој одлучува кој ќе биде дел од неа.

„Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам владата, ако некој тоа го заборавил, еве, јас да го потсетам“, изјави Мицкоски.

Покрај коментарите на сметка на Лимани, во синоќешното интервју за ТВ 21, лидерот на Беса изјави дека во најавената реконструкција на Владата еден од министрите што може да биде сменет е министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го дека се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.

Прашан да ги потврди ваквите наводи, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека за тоа „можеби треба да го прашате господинот Билал Касами“.

На „прозивките“ на Касами реагираше и министерот за правда, Игор Филков, кој е во фокусот на критиките на повеќе субјекти од албанскиот политички блок, откако  одговори дека барањето од петицијата на студентите-албанци за полагање на правосуден испит на албански јазик, е противуставно.

„Кога ќе биде Биљал Касами премиер тогаш веројатно тој ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не. А, дотогаш владеењето на правото, односно почитувањето на Уставот и законите ќе важат за сите“, изјави министерот за правда, Игор Филков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ