„Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во науката. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година се поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој“, истакна Јаневска денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што беа презентирани прелиминарни резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“ кое се спроведува со финансиска поддршка на МОН.
Посочи дека се преземаат голем број активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив, рече, е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што МОН потпиша договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, додаде Јаневска.
Таа укажа и на зголемените плати на универзитетските професори за 14 отсто и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus, подготовката на две нови законски решенија – за високо образование и за научно-истражувачка дејност кои, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно-технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.






