сабота, 14 февруари 2026

Јаневска: Во тек е јавната дебата за Законот за високо образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.

„Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме“, рече Јаневска.

Таа вели дека Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати. „Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок“, рече Јаневска.

На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна. Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ