петок, 5 декември 2025

Јаневска: Универзитетите со најдобри резултати ќе добијат најмногу средства од државниот буџет

Универзитетите што ќе покажат најдобри резултати ќе добијат најмногу средства од државниот буџет, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе се обидеме заедно со групата со која работиме да најдеме начин универзитетите да добијат развојна компонента. Оние што ќе имаат најдобри резултати да добијат поголем буџет за  разлика од оние кои нема да покажуваат резултати да добијат помал буџет годишно што го дава државата. Ќе се потрудиме да обезбедиме соодветен кадар според систематизацијата на факултетите, универзитетите, ќе ја зајакнеме контролата во приватните универзитети за кои сме свесни дека не продуцираат квалитетен кадар, ќе ги зголемиме студентските права, изборите на раководните функции во универзитетите ги демократизираме“, рече вечерва Јаневска во гостување на Телма.

Таа најави дека Министерството за образование наскоро ќе објави нова драфт верзија на концепцијата за гимназиско образование во насока на негово прилагодување со совремните текови во општеството.

„Ќе имаме нова концепција за гимназиското образование, многу бргу ќе понудиме нова драфт верзија и ќе ја ставиме на дискусија. Ако не биде до крај на годинава, ќе биде во јануари“, рече Јаневска.

Истакна дека концептот треба да биде прифатен од мнозинството чинители во образованието за да се применува.

„Ќе се потрудиме новата концепцијада е максимално содветна на новото време и брзиот технолошки развој со дигитализација, вештачката интелигенција. Ја сменивме матурата, тоа што долги години беше барано средно стручната да се разликува од гимназиската и ќе се разликува од гимназиската. Добри чекори правиме за кои ќе очекуваме резултат по четири-пет години“, рече Јаневска.

Истакнувајќи дека треба да се цени знаењето, а не дипломата, порача дека „наставниците треба да се вложат реално да ги оценуваат децата“.

Оцени и дека наставнициите се ранлива категорија и најави дека МОН во новиот закон за наставници ќе  бара начин како да ги заштити за да не бидат, како што рече, подложни на влијание на која било власт, училишна, централна, локална, туку да бидат ценети и почитувани според своите компетенции.

„Наставниците главно се жалат на притисоци од родителите, има вмешување и од политиката, има и малку би рекла трговски однос меѓу родителите и наставниците, но генерално се родителите и односите во нашите традиционални средини кога луѓето сметаат дека треба да си помогнат“, рече Јаневска.

Кај наставниците се спроведуават најразлични едукации и, како што посочи, може да има и за справување со притисоците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ