„Следува нов закон за Државниот просветен инспекторат, во кој ќе има и контрола над ДПИ. Сега, за нивна жал, јас сум нивниот авторитет – Министерството за образование и наука. Како работеле досега, ќе одговараат. А како ќе работат отсега, авторитетот национален за ДПИ е МОН и нема повеќе башибозук – кој колку сака зема, кој колку сака наплаќа, кој каде сака оди, кого каде сакаат праќаат, а не таму каде што треба. Извештаи многу различни од инспектори кои треба да имаат терк, од инспектори кои треба да дадат заклучок, предлог, решение итн… Би се изненадиле кога би виделе, но и тоа ќе се среди и за тоа треба малку време. Не велам дека таму нема луѓе кои одлично си ја вршат работата, не велам дека таму нема луѓе кои знаат што треба и како треба, но знаете како велат ‘од раководството зависи каков ќе биде редот и поредокот во институцијата’ “, рече министерката.
Јаневска обвини дека директорот и вработените во ДПИ направиле различни злоупотреби околу користењето на гориво за приватни цели и други погодности.
„Возилата, тоа е нешто од погодностите кои ги користеле за да си прибават лична корист за себе. Можете вие да замислете дека на пример еден инспектор со сопственото возило денес отишол во Струга, па се вратил во Скопје, па отишол во Штип па се вратил во Скопје, па отишол уште еднаш на инспекциски надзор не знам каде во Скопје. Тоа се начините кои биле користени да се искористи горивото кое им е дозволено и за кое и ние велиме дека им е дозволено да го користат, меѓутоа претходниот директор претпоставувам дека затоа што бил презафатен со професионална стручна дејност да вовед ред во основното, средното и високото образование, заборавил да планира средства во буџетот. Во 2024 година си направиле правилник. На 1.1.2025 ДПИ влегува во МОН и правиме нов правилник, во кој им велиме не може како досега, ќе биде како отсега по закон и по правилник, така како што треба да биде. За жал, дел од вработените во ДПИ имале пракса години наназад за сè и сешто да тужат: да ја тужат државата, да го тужат ДПИ, да го тужат директорот, да се тужат меѓу себе и тоа е една таква какофонија што ние со денови и денови не можеме да се ослободиме од неразумни предмети и луѓето од мојот совршен тим никогаш еден збор за нив поинаков од тоа дека се совршени. Оти ако не е мојот кабинет и луѓето кои се во овој кабинет во моментов, јас ви тврдам дека тоа Министерство нема да постои, како што не постоело во претходната влада. Односно и тоа што можело да биде сработено не е сработено, па јас го сработувам. И не можам да се посветам особено на она што е приоритетно, туку морам да ги завршувам и тие работи“, рече таа.
Јаневска истакна дека во ДПИ постојат и се направени и покомплицирани работи, но за тоа ќе соопшти кога ќе се изјаснат истражните органи.