„Тестаторите да си ја спроведат сериозно работата и во корист на учениците и на државата. Дополнително напоменувам дека е затегната легислативата и таа треба максимално да се почитува“, рече Јаневска денеска при посетата на Градежниот факултет при УКИМ.
Втората порака е до учениците – испитот, рече таа, е дел од нивното образование и не треба да претставува никаков проблем.
„Тие треба да пристапат како кон нормален, составен дел на нивното образование. Им порачувам и да не се борат со системот, да не бидат премногу иновативни изнаоѓајќи разни начини да се снајдат при полагањето на државната матура.Поконкретно кажано, ги замолувам одредени групи, групации и поединци да не го користат препишувањето како метод за полагање на државната матура. Затоа што тоа не е ниту во нивна корист, ниту во корист на нивните родители, ниту во корист на државата“, апелираше Јаневска.
Како што рече, се е подготвено за спроведување на завршниот испит и ќе тече без никаков проблем.
„Само уште овие два услова да се исполнат, а верувам дека ќе бидат исполнети“, додаде министерката.
За утрешниот прв екстерен испит се пријавени 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.