Училиштата што не нарачале учебници да ги отпечатат и да им ги дадат на родителите, изјави вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„На училиштата им рековме да нарачаат учебници, но тие не нарачале. Сега казната е што сега тие треба да им ги отпечатат учебниците и да им ги дадат на родителите. Оние родители кои се заинтересирани, па сами тоа го прават, еве ќе речам, издавачките куќи имаат право 10% од учебниците да ги пуштат во слободна продажба по истата цена утврдена со закон по која што ги откупил МОН, рече вечерва во емисијата Вин Вин“, министерката Јаневска.
Според неа, ние имаме проблем во целото општество па и во образовниот систем со одговорно однесување.
Пред неколку дена министерката изјави дека за училиштата во кои недостигаат учебници затоа што не ги пријавиле навреме потребните тиражи, МОН ќе им ги обезбеди во ПДФ-формати што ќе бидат ставени на веб-страницата на Педагошката служба.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека МОН тоа го побарало од издавачките куќи, тие ги доставуваат учебниците во ПДФ-формат и Министертсвото, рече, веќе ги поставува учебниците како ПДФ-формати на веб-страницата на Педагошката служба.
И овојпат таа нагласи дека се испорачани онолку учебници колку што пријавиле самите училишта.
Во сите претходни изјави таа уверуваше дека никому нека да му недостасуваат учебници.
Учебници ќе има за сите ученици во основните и во средните училишта. Најголем дел од нив, 90 проценти се веќе доставени во училиштата додека останатите 10 проценти ќе бидат доставени во првата недела од учебната година, изјави на 30 август министерката за образование и наука Весна Јаневска.






