сабота, 12 јули 2025

Извештајот за Македонија помина на АФЕТ, бугарските европарламентарци скандализирани

Утрово Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот Томас Вајц. Амандманите на бугарските и други европарламентарци македонскиот јазик да се дефинира како модерен македонски јазик не поминаа. Извештајот оди на наредна седница на Европскиот парламент.

Објавено на

часот

Сподели

Германскиот европратеник Дејвид мек Алистер повика да се изгласа Извештајот на Вајц. Бугарските европарламентарци побараа пауза. За Извештајот гласаа 40 европарламентарци, 19 беа против, а 10 воздржани.

Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европскиот парламент.

„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни“, изјави Вајц.

Во извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Во пресрет на гласањето за извештајот во ЕП, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува извештајот на Вајц да биде усвоен и да се прати силна порака за македонскиот идентитет и јазик. Вели дека изминатиов период имало силен притисок од бугарски европратеници за измена на овој извештај во кој се говори за посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

„Деновиве добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, којшто повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик. Сепак, огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние што изминатите седум години ја ограбија и понижија државата“, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека откако ја добил информацијата за таквите настојувања на бугарските европратеници во Брисел, имал организирана активност со министерот за надворешни работи, при што успеале да го амортизираат обидот за нов удар врз македонскиот идентитет и јазик.

„Јас успеав да контактирам со сите од Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар, што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние коишто изминатите седум години ја ограбија и понижија Македонија“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ