Зошто инвестираме во пруга која ќе биде застарена уште пред да се изгради? Кој ќе сноси одговорност ако за 10 години пругата стане технолошки застарена и некомпатибилна со развојните текови во регионот и Европа, само од причина што избраната траса долж долината на Вардар поради географијата не дозволува понатамошно осовременување прашуваат меѓу другото од Инженери на Република Македонија (ИНРМ) во дописот испратен до министерот за транспорт Александар Николоски.
Повикувајќи се на официјална изјава на Николоски од мај 2025 година дека е донесена одлука за изградба на брза пруга на Коридорот 10, на релација од границата со Србија до границата со Грција, која ќе се гради по трасата на која истовремено е планиран стратешкиот водостопански и енергетски проект „Вардарска долина“, од ИНРМ го прашуваат министерот Николоски дали Министерството за транспорт има веќе усвоено финална траса за брзата пруга Табановце – Гевгелија, и ако има, дали таа траса поминува низ просторот предвиден за акумулациите и хидроелектраните во рамки на проектот „Вардарска долина“.
„Дали при планирањето на трасата се земени предвид стратешките документи за хидроенергетски развој, вклучително и проектот ‘Вардарска долина’, кој е дел од зелената транзиција и енергетската визија на Македонија? Дали Министерството направило проценка на штетата што би произлегла поради евентуалното оневозможување на изградбата на 12-те предвидени хидроелектрани долж Вардар, како последица на изборот на трасата на пругата“, прашуваат од ИНРМ.
Оттаму дополнително појаснуваат дека согласно техничката документација за овој проект, постојната железница на таа рута треба да се дислоцира, што всушност претставува и една од клучните причини за досегашната стагнација во реализацијата на проектот „Вардарска долина“.
Цитирајќи изјава на министерот Николоски од 11 јуни 2025 година дека при проектирањето на трасата на брзата пруга не смее да се зафаќаат објекти од А категорија, од ИНРМ ја отвораат дилемата околу усогласеноста на проектот за брза железница со законските ограничувања и националните приоритети, особено приоритетот за водостопанскиот и енергетски стратешки проект „Вардарска долина“. Затоа, од ИНРМ прашуваат дали проектот „Вардарска долина“ е официјално определен како национален енергетски објект од категорија А, и ако е, како министерството ја обезбедува усогласеноста на трасата со законските ограничувања кои важат за неповредливост на објекти од оваа категорија?
Освен ова, за ИНРМ е нејасно дали Министерството за транспорт ја разгледувало можноста за адаптација на трасата на пругата на начин што би овозможил истовремена реализација и на железничката инфраструктура и на проектот ‘Вардарска долина’ и дали постои стручна анализа, студија или мислење што покажува дека трасата може да се модифицира без значително зголемување на трошоците, а со зачувување на капацитетите и просторот потребен за изградба на хидроелектраните.
„Зошто Македонија инвестира две милијарди евра во пруга што ќе поддржува само брзини до 160 километри на час (км/ч), кога европските земји веќе стандардно проектираат железнички коридори за брзини од 300–350 км/ч? Зошто инвестираме во пруга која ќе биде застарена уште пред да се изгради? Кој ќе сноси одговорност ако за 10 години пругата стане технолошки застарена и некомпатибилна со развојните текови во регионот и Европа, само од причина што избраната траса долж долината на Вардар поради географијата не дозволува понатамошно осовременување? Дали е направена анализа на геометриските ограничувања на трасата низ долината на Вардар (кривини, радиуси, теренски бариери) и нивното влијание врз можноста за идно зголемување на брзините до брзини од 250+ км/ч? Колку пати досега е направен инженерски или теренски увид во алтернативни траси – особено преку Штип, Радовиш и Струмица – кои имаат подобри геометриски услови, помала населеност и потенцијал за повисоки брзини и зошто министерството не се одлучило за таа траса“, прашуваат од ИНРМ.
Од здружението бараат и одговори на прашањата кој е поголем стратешки приоритет за Македонија, „брзина од 160 км/ч по старите кривини на Вардар, или трајна, чиста и сопствена енергија преку реализација на ‘Вардарска долина’ и дали државата може да си дозволи да избере само еден од овие два приоритети?
Од Инженери на Република Македонија уште прашуваат зошто досега не е организирана јавна стручна расправа во која би се анализирале различни опции за трасата на брзата пруга и дали министерството планира да ги вклучи универзитетите, инженерската и експертската фела, како и граѓанскиот сектор, во евентуалниот процес на ревидирање на трасата, „со цел да се осигура долгорочна одржливост, технолошка современост и усогласеност со другите национални стратегии“.
Министерот за транспорт Александар Николоски вчера информираше дека на завчерашната владина седница е направен првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.
„Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе одлука, со која се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да биде некаде над 200 километро, истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160 километри на час (км/ч), а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде пет години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, кој што би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според ФИДИК правилата или според така наречен жолт ФИДИК или според така наречен среден ФИДИК“, изјави Николоски.