понеделник, 8 декември 2025

Гувернерот Славески на средба со извршниот директор на АФИ

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески за време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), што се одржува во Намибија, остварил средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг.

Објавено на

часот

Сподели

АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.

На средбата, како што соопшти Народната банка, се разговарало за напорите на централната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.

„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии“, истакнал гувернерот Славески.

Според последните податоци од Светската банка, ккао што се наведува во соопштението, 84 проценти од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76 проценти од граѓаните ги користат за плаќања, а 62 проценти од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.

На средбата било истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.

Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласиле дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ