Надградбата на копнените гранични премини на Грција, меѓу кои и оној кон Македонија беше најавена на почетокот на годинава, а се очекува да се намали времето на чекање, кое минатото лето на Богородица-Евзони, поради големиот број туристи, во одредени денови достигнуваше и до пет часа.
Од Министерството за внатрешни работи на Грција, соопштија дека на состанокот одржан вчера на граничниот премин Евзони се разговарало за надградбата што ќе се одвива на две нивоа.
Едното се однесува на зајакнување персоналот на граничниот премин, „барање доставено до политичкото раководство на надлежните министерства со цел да се скрати времето за проверка на податоците“.
Второто се однесува на функционалното подобрување на инфраструктурата и според планот, целосното реновирање на објектите ќе биде завршено во текот на 2026 година со целосна промена на изгледот на целиот граничен премин.
Заменик-министерот Константинос Јулекас по состанокот рече дека покрај целокупната надградба на објектите, се обидуваат да преземат мерки за решавање на проблемите, особено во текот на летниот период.
„Овие мерки се однесуваат на тоа како можеме при влезот и излезот да го олесниме поминувањето за да немаме повеќечасовни застои. Се обидуваме да ја зголемиме и брзината на информацискиот систем, за побрзо да се завршува контролата при влез во Грција. Она што разговаравме е да се забрзаат царинските и пасошките контроли и како да успееме, оние што доаѓаат во нашата земја, или заминуваат да го видат токму со она што сме, сликата на Европа“, рече Јулекас.
Според информациите од состанокот, во 2024 година на граничниот премин Евзони биле проверени околу пет милиони пасоши, а во првите четири месеци од годинава околу еден милион.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средината на јануари годинава, како што тогаш објави МИА, осврнувајќи се на заложбите на Владата за 2025 година, го спомена и подобрувањето на работата на граничните премини и објасни дека надградбата започнува со преминот Кипи во Еврос кон Турција, а потоа ќе следи надградба на сите главни копнени гранични премини (Кастаниес кај Еврос, Евзони, Лемос во Преспа, Какавија и Кристалопиги).
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски исто така во јануари, соопшти дека „со Грција работиме на забрзување на граничниот премин Богородица и за многу кратко време ќе работиме на реконструкција на граничните премини на Дојран и на Меџитлија со цел тие три гранични премини да се функционални“