Пратеничката од партијата Нова Левица, Пети Перка посочи дека младата музичка група „Ендопика”, која требаше да настапи на плоштадот кај судниците, била спречена да ги изведува своите песни со текст, поради незадоволство на градоначалникот или притисоци од интересни кругови.
„Не смее да се дозволи мракот и национализмот да го потисне културното наследство, традицијата и уметничкото изразување на нашата заедница. Музичката традиција, локалните мотиви и дијалектите се живи елементи на историјата и културната разновидност, тоа не претставува закана“ – нагласи Перка, која претходно беше пратеничка на Сириза, но во 2003 година ја напушти партијата и учествуваше во основањето на Нова Левица.
Пратеничката Перка го повика градоначалникот и локалните функционери „да се помират со напредокот“ и да ги остават на страна цензурата и екстремистичките влијанија, потенцирајќи дека демократијата и културата ги прифаќаат музиката и јазикот, а не ги потиснуваат.
Градоначалникот на Лерин го прекина настапот на групата „Ендопика“ за време на прославата „Празник на огновите“, наспроти Божиќ според Грегоријанскиот календар, откако музичарите почнаа да пеат песна на македонски јазик.
Сепак, реакцијата на грчката пратеничка, меѓу претставниците на Македонците во Грција е прифатена со резерва и воздржаност. Павле Воскопулос од „Виножито“, потсетува дека Перка всушност не признава македонска нација и македонски јазик.
„Аман веќе со такви илузии. Оваа жена не признава македонска нација. Многу демек левичари, демек демократи -‘плампат’ само за ‘Словени’ или ‘славијански’ јазик и сл. Не признават македонски национален идендитет. Особено такви како оваа жена. Ве разбирам… Човек кога гледа цело време слепи, слепи луѓе со години, гледа еден со едно око и вика. Мајката! Овај е нормален чоек. Заборава дека не е ‘ОК’. Оваа жена е како и многу што лицемерно се однесуваат за да ‘спијат’ нашите тука. Од една страна ги ‘гали’ нашите, а од друга страна соодветно со грчката национална идеологија – не признава македонски национален идендитет“, пишува Воскопулос на социјалните мрежи.






