Гласањето во Генералното собрание на ОН, во кое има 193 членки заврши со 149 гласа „за“, 12 „против“ и 19 воздржани, меѓу кои беше и Македонија, која покрај Албанија, е единствената земја од регионов која не гласаше за целосно прифаќање на резолуцијата. Исходот на гласањето беше поздравен со громогласен аплауз во салата. Документот, подготвен од Шпанија, „најостро го осудува изгладнувањето на цивили како метод на војување“.
Пред гласањето, амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, жестоко се спротивстави на резолуцијата. Тој негираше дека Израел го користи гладот како оружје, нарекувајќи го тоа обвинување „крвава клевета“, и, наспроти сите организации кои работат во Газа, инсистираше дека хуманитарна помош се испорачува. Експертите и активистите за човекови права предупредуваат дека гладта царува во Газа и дека околу два милиона Палестинци се под ризик од изгладнување до смрт, доколку Израел во целост не ја укине блокадата и не ја запре својата воена кампања на терор.
Како и неуспешната резолуција во Советот за безбедност неодамна, резолуцијата што беше усвоена денеска не го осудува смртоносниот напад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната, ниту пак бара разоружување и повлекување на групата од Газа. И двете точки беа барања кои ги поставија Соединетите Американски Држави, традиционалниот сојузник на Израел.
Вршителката на должноста амбасадорка на САД во ООН, Дороти Шеј, во обраќањето кон делегатите пред гласањето рече дека резолуцијата „испраќа неприфатлива порака до Хамас и другите терористички прокси-групи поддржани од Иран, а таа порака е: ќе бидете наградени за земање заложници, пренасочување на помош и лансирање напади од цивилни области“.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но даваат слика за политичкиот распоред на силите и влијанијата низ светот.
Идната недела во ОН ќе се одржи конференција раководена од Франција и од Саудиска Арабија, на која ќе се расправа за иницијативата за долготрајно решение на израелско-палестинскиот конфликт. Францускиот претседател Емануел Макрон бара поддршка од други земји за колективно признавање на независна палестинска држава.