Според активистите „Фронт 21/42“, покрај бројните законски прекршувања по однос случајот со израдбата на хотелот, институциите: кабинет на премиер, Владата како и градоначалникот на Охрид не го испочитувале рокот утврден со закон за одговор по однос поднесената претставка.
„Од кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот, и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк“, се наведува во писмото до медиумите.
Притоа се посочува дека нема реакција ниту од пратениците, ниту од вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои исто така добиле копија од претставката.
„Случајот уште во март беше поднесен и до Државната комисија за спречување на корупцијата – до сега и од таму нема никаква одлука“, посоуваат од „Фронт 21/42“.
Притоа се потетува уште дека паралелно со изградбата на оспоруваниот хотел, продолжува и уништувањето на Студенчишко блато, каде покрај незаконскиот урбан комплекс што се шири на , како што тврдат, незаконски приватизирано државно земјоделско земјиште, во периодов се подготвува огромен терен за некоја нова градба.
„За оваа локација ‘Фронт 21/42’ испрати пријава до ДИЖС уште во април 2023 година, кога на терен имаше еден багер и релативно мал ископ на земја – одговорот беше дека наводно сопствениците на нивите направиле насип за да ги заштитат од вода која надоаѓа. Во меѓувреме ‘заштитата’ од водата продолжи да се шири и денес е јасно дека се расчистува терен за нова градба“, стои во дописот.
Од граѓанското здружение исто така се предупредува дека безмилосно континуирано се уништува и Националниот парк Галичица, со дивоградби како вообичаена појава, редовно проследена со одлуки за нивна легализација на Советот на општината, или нов урбанистички план скроен за нивно „легално“ вклопување.
Како еден од многуте примери е посочен големиот хотел-дивоградба што забрзано се гради кај селото Рамне.
Активистите на „Фронт 21/42“ уште потсетуваат дека од 43 активности што според Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион требаше по итна постапка да бидат спроведени најдоцна до февруари годинава, спроведени се само четири, од кои само една е суштинска активност – изработката на физибилити студија за состојбата на вредностите на наследството, за која беше одговорен меѓународен тим на експерти, со поддршка од УНЕСКО.
„За нашите институции Стратегискиот план за рехабилитација е куп хартија чија единствена улога беше да демонстрира ‘загриженост и посветеност’ пред УНЕСКО. Според овој план, Генералниот секретаријат требаше одамна да формира посебно работно тело за мониторинг на спроведувањето и да креира потстраница на интернет-страницата на Владата за транспарентно известување и следење на напредокот на реализацијта. Општина Охрид требаше најдоцна до почетокот на оваа година да усвои одлука за прекин на сите урбанистички планови и акти со кои се дозволува урбанизација во рамки на Студенчишко блато, одлука за забрана на стални и/или привремени објекти на плажите и кај патеката покрај блатото, одлука за забрана за спроведување на сите усвоени урбанистички планови и усвојување на нови урбанистички планови со кои се овозможува урбанизација во рамки на Рамсар подрачјето, да ги отстрани сите постојани и/или привремени градби од 50 м. крајбрежен појас, Студенчишко блато и Св. Наум. За сите овие обврски Фронт 21/42 исто така поднесе претставки до надлежните – со истиот нула исход како и претставката за незаконскиот хотел во Горица“ се наведува во писмото на „Фронт 21/42“.
Истовремено се потсетува дека пред неполн месец Бернската конвенција испрати писмо со последната одлука на Бирото за отворениот случај за Охридското Езеро и НП „Галичица“, во кое по којзнае којпат беше побаран сериозен пристап од државата и спроведување на сите точки од одлуката од 2023 година. Бернската конвенција исто така побара МЖСПП да објасни зошто и понатаму издава Решенија за услови за планирање на просторот, со кои се овозможува понатамошна урбанизација на подрачјето, за два дена по приемот на писмото, истото Министерство да издаде две нови Решенија за услови за планирање на просторот за територијата на општина Струга.
„За неполн месец Комитетот за светско наследство ќе расправа по трет пат за впишување на Охридскиот Регион во листата на светски наследства во опасност. Ни останува само да се надеваме дека овој пат на членовите од Комитетот ќе им биде доста од празните изјави на нашите политичари за загриженост и посветеност кон наследството. Реалноста недвосмислено покажува дека немаат свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации на кои безмилосно им го одземаат највредното природно и културно богатаство во земјата и им ги уништуваат сите шанси за одржлив економски развој базиран на заштита на вредностите. Можеби впишувањето во оваа листа ќе спречи една од првите населби на европската цивилизација, некогашниот културен центар на Византија, колевката на словенската писменост и светското наследство на Југославија – за секогаш да се трансформира во дувло на корупција и криминал од страна на современа Македонија“, е вели во писмото на здружението „Фронт 21/42“.