Овие едномесечни обуки беа наменети за ученици од прво до деветто одделение, а ги посетуваа повеќе од 250 деца. Обуката се одвиваше со физичко присуство во современо опремена компјутерска лабораторија во центарот на Скопје, еднаш неделно по 2 школски часа. По успешното завршување, сите ученици добија сертификати, кои претставуваат признание за нивниот труд и стекнати знаења.
Преку проектно базиран пристап, децата решаваа реални проблеми, добиваа улоги од различни професии и се запознаваа со концептите на критичко размислување, истражување, тимска работа и самодоверба. Во текот на обуката, тие не само што усовршуваа компјутерски вештини, туку и учеа како да ги применат стекнатите знаења во секојдневниот живот.
Целта на оваа иницијатива, покрај развојот на дигитални вештини кај децата, е и хуманитарна – преку овој модел, со поддршка од родителите на вклучените ученици, фондацијата овозможува и бесплатно школување за деца без родители, згрижени во детски домови или во мали групни домови. Оваа активност се реализира во соработка со Министерството за труд, демографија и млади и со детскиот дом „11 Октомври“ од Скопје.
Ова е уште еден чекор во насока на исполнување на мисијата на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ – создавање еднакви шанси за сите деца, поддршка на развојот на идните лидери и вложување во пристојна иднина за нашата држава.






