четврток, 12 февруари 2026

Филков: Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на договори

Министерот за правда Игор Филков денеска на 18. сесија на работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во рамки на Националната конвенција за ЕУ. ги образложи правосудните реформи нагласувајќи дека државата се наоѓа во фаза на длабоко преструктурирање на судските и обвинителските механизми. Наместо козметички измени или ограничени интервенции, Владата, како што истакна тој, спроведува сеопфатен процес насочен кон јакнење на интегритетот, деполитизација, отчетност и долгорочна правна стабилност. Тој уште кажа дека развојот на квалитетни и транспарентни механизми за избор, унапредување и дисциплинска одговорност е меѓу најважните предуслови за ефикасен судски систем кој работи во служба на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

Во неговото обраќање, Филков потенцира дека реформите се директен одговор на системските слабости, кои со години ја разјадуваат довербата на граѓаните – долготрајни постапки, недоволна транспарентност, неправилности во изборните и дисциплинските механизми, како и случаи на корупција и неефикасна одговорност.

Затоа, според него, модернизацијата на правосудството не е само техничка задача, туку државна обврска со долготраен ефект врз владеењето на правото и европскиот интегративен процес.

„Непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите“, изјави Филков.

Министерот нагласи дека реформите веќе даваат конкретни резултати, особено во Судскиот совет, каде што новиот закон донесува строги критериуми за избор и разрешување, засилена проверка на професионалната биографија, појаснето дефинирање на „истакнат правник“ и воведување јавни расправи и транспарентни огласи при изборот на членови. Дисциплинската постапка за членовите е детаљно уредена, со јасни основи за одговорност и редуцирање простор за политички влијанија.

Дополнително, се воведува и итна постапка за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови, која мора да биде завршена во рок од шест месеци.

Филков ја најави и финалната фаза на усвојување на законот за Јавното обвинителство, кој, како што објасни, носи европски стандарди и јасен мерит‑систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите.

„Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети“, истакна тој.

Реформите предвидуваат и јасни основи за престанок на функцијата во случај на правосилна осуда, како и рокови за дисциплински постапки од шест до девет месеци. Според препораките на ГРЕКО, дисциплинските повреди првпат се поделени на лесни, потешки и најтешки.

Министерот соопшти дека Владата го усвоила и новиот Закон за Советот на јавните обвинители, со кој се воведува повисок професионален цензус, транспарентни изборни процедури и задолжително јавно образложување на сите одлуки – од избор и унапредување до дисциплинска одговорност и разрешување.

„Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност“, потенцира Филков.

Министерот порача дека реформскиот пакет опфаќа триесетина закони, повеќето клучни за правосудството, и дека земјата првпат има историска можност да постави здрави и европски усогласени правосудни темели.

„Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно“, додаде тој.

Според министерот, непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото.

„Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите“, нагласи Филков.

Тој посочи дека Владата и Министерството за правда имаат јасен приоритет – обезбедување целосна независност и зголемување на ефикасноста на правосудството.

„Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – правосудство кое е транспарентно, професионално и непристрасно. Со овие законски решенија го зацврстуваме владеењето на правото и ја враќаме довербата на граѓаните во правосудните институции“, рече Филков.

На сесијата се обрати и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, која нагласи дека непристрасноста и интегритетот при донесувањето на одлуки на судиите и јавните обвинители се суштински за заштита на владеењето на правото.

„Тоа подразбира обезбедување соодветни обуки и финансии“, рече Трајкоска Стрезоски.

Заменик-претседателката на Советот на јавни обвинители, Маријана Илиеска, истакна дека државата презема чекори за реформирање на Советот, особено во делот на изборот на јавни обвинители, со цел исполнување на европските стандарди.

Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска Анастасовска, додаде дека новиот Закон за Судскиот совет нуди рамка за подобрување на процесите.

„Независноста на судството не е само привилегија на судиите, туку и право на граѓаните“, потенцираше таа.

Дискусијата ќе биде насочена кон тековните реформски процеси во правосудството, а посебен фокус ќе биде ставен на законските решенија од перспектива на изборните и дисциплинските механизми, како и на нивниот институционален капацитет да воспостават одржлив и функционален баланс меѓу независноста и отчетноста на правосудните органи. Исто така, ќе се разгледа и степенот на нивната усогласеност со релевантните европски стандарди и препораки.

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ