недела, 14 декември 2025

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе расправа за струшката депонија

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе расправа за депонијата во Струга, откако домашните судови се прогласија за ненадлежни по поднесената тужба од физичко лице кое живее во непосредна близина на депонијата и Македонското здружение на млади правници, соопшти адвокатската канцеларија Стојкоски и Ќатоски.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Тоа, како што појаснуваат во објавата, значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонијата која се наоѓа на 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и два километри од Охридското Езеро.

„Во постапката бараме утврдување на повреда на правата на пристап до суд, на приватен и семеен живот и ефективен правен лек“, посочуваат од адвокатската канцеларија.

Депонијата, нагласуваат, загадува со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот.

„Како адвокатска канцеларија, заедно со Македонското здружение на млади правници остануваме целосно посветени на правната борба за заштита на животната средина и здравјето и правата на жителите, како и примена на европските стандарди за човекови права во Македонија“, пишува во објавата.

Тужбата беше поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното претпријатие „Комунално“ поради непреземање мерки за справување со депонијата во Струга која ги загадува почвата, Охридското Езеро и реката Црн Дрим.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ