„Во справувањето со аерозагадувањето сакам да напоменам неколку важни чекори третирање на аерозагадувањето кое доаѓа од индустријата, институциите и домаќинствата, како и во делот на сообраќајот. Третирање кое се сведува на нула толеранција на загадувачите. Тука имаме еден краткорочен акциски план на Министерството за животна средина и просторно планирање и една долгорочна програма која е усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија“, нагласи Хоџа.
Посочи дека станува збор за .Програмата 2024–2030, а тука го спомена и Законот за контрола на емисии, кој е усвоен во септември 2025 година, но стапува на сила септември 2027 година, оставајќи двегодишен простор за адаптација на индустријата.
Новиот закон, како што беше посочено на денешниот брифинг, предвидува повеќе измени и построги правила за издавање и контролирање на А и Б еколошките дозволи, но и обврска за институцијата, односно индустријата, да користи најдобри достапни техники, како и финансиски товар доколку се утврди прекршување.
„Овој закон е според ЕУ директиви, а за неговиот квалитет ни помогнаа ЕУ експерти, но и инклузивноста, бидејќи е донесен со јавна расправа. Потенцирам дека законот е усвоен септември 2025 година, има две години период за адаптација и влегува на сила септември 2027 година. Јас веќе од следната недела започнувам со средби со претставници на индустријата кои имаат А-еколошки дозволи, за да го искористам периодот за адаптација поефективно, бидејќи сите нови дозволи кои ќе ги издаваме, ќе ги издаваме врз основа на овој поригорозен закон. Па колку побргу го завршат адаптирањето, тоа за годините што треба да се адаптира на новите построги услови, толку ќе биде подобро за сите“, рече министерот.
Во однос на цементарницата Усје, чија дозвола истекува на крајот на 2026 година, беше појаснето дека постапката за обновување ќе започне во март годинава, а за тоа дали новата дозвола ќе ја добие според новите критериуми или според старите, министерот рече дека во тој правец ќе се разговара со сите индустриски капацитети, да почнат со адаптација на новите услови, односно условите кои се бараат со новиот закон.
„И во врска со Усје, постапката за обновување треба да почне во март и тоа право на Министерството може и да го искористиме за иницирање на јавна расправа за текот или постапката за добивање на дозволата, каде јавноста ќе биде информирана за целата постапка. И Ује и сите други треба да го почитуваат законот и законот влегува на сила 20-ти септември, додаде Хоџа.
За разликите во стариот и новиот закон во однос на добивањето дозволи, од МЖСПП појаснија дека најголемата измена е што сите услови мора да се базираат на најдобрите достапни техники, што, како што посочија претходно не било случај.
„Најдобрите достапни техники, односно референтните документи постоеја, но имплементацијата не беше толку строга, како што фактички би била со новиот закон. А ова го донесе новата директива на индустриски емисии која што е во сила во сите европски земји од 2010 година. Ова значи построги услови, построги гранични вредности, енергетската ефикасност има голем акцент на тоа, добро управување на отпадот, управување со суровини, со вода и така натаму“, посочуваат од Министерството.
Во периодот од две години не само од УСЈЕ, туку од сите индустрии ќе се бара да се прилагодат на новите услови, во новиот закон, кој стапува во сила во 2027, но како што велат од Министерството станува збор за една година и тоа и за самите нив ќе биде поекономично, велат од МЖСПП.
Покрај индустријата, во долгорочниот план МЖСПП, како што беше наведено на брифингот има серија мерки, кои се однесуваат на институциите и домаќинствата, кои произлегуваат од долгорочната програма на Владата 2024-2030.
„Го зголемуваме капацитетот за мерење преку зголемен број на мерни станици и лабораториските капацитети. Но, за институциите, што е многу важно, започнуваме со прва фаза на проект за замена на системите за греење кои користат мазут и цврсти горива. Ќе дефинираме кои се најприоритетните и од каде треба да почнеме. Но, немам дилема дека во борбата со аерозагадувањето мора да започнеме од индустријата и институциите. Пред да бараме од граѓаните да ги менуваат навиките и системите за греење, институциите мора да водат со пример“, рече Хоџа.
Во однос на граѓаните и домаќинствата, како што беше нагласено на брифингот предвидени се долгорочни: гасификација, односно проширување на мрежата на централно греење во урбаните средини и субвенции за централните системи на природен гас, вклучително и субвенции за самиот приклучок.
„Оние кои немаат пристап до централното греење ќе бидат субвенционирани со топлински пумпи или котли на гас, субвенции за замена на котли, печки и ќумбиња во домаќинствата со високоефикасни котли и печки. Нашата цел е следната грејна сезона дел од овие мерки да се имплементирани во домаќинствата. Во акцискиот план со краткорочни мерки, тие се стандардни и се течат како редовна работа на Министерството, а се во главно зајакнатите инспекциски контроли“, нагласи министерот, кој најави дека следната недела ќе почне со координација на институциите кои се задолжени за имплементација, особено на долгорочниот план усвоен минатата година, за што подетално ќе ја информира јавноста.
На прашањето поконкретно да каже кога Скопје би се тргнало од мапата на најзагадени градови, министерот рече дека во моментов е тешко да се одговори на тоа прашање, но, напомена дека тие како Министерство ќе ги преземат сите мерки кои се во краткорочниот шестмесечен план и во долгорочниот шестгодишен план.
Во врска со вториот приоритет, создавање на модерен, регионален систем за управување со отпад, Хоџа информираше дека тече процесот за идниот регионалниот центар во Новаци и претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар, со кој треба да се стави крај на депонијата во Мегленци. Центарот ќе опслужува 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, а опремата веќе била доделена на 5 јануари.
„Тоа значи дека селекцијата на мокра и сува фракција отпад ќе започне од домовите на над 400.000 граѓани од овие 18 општини, односно од овие два региони“, нагласи Хоџа.
Тој додаде дека 2026 ги опфаќа и Полошкиот регион во Русино, како и Североисточниот и Источниот регион со регионалната депонија во Свети Николе.
На брифингот беше соопштено и дека Владата го усвоила Законот за климатска акција, кој воспоставува координативен механизам за интегрирана климатска акција. Законот претставува правна основа за воведување и спроведување на пакетот за следење, известување, верификација и акредитација за емисиите на стакленичките гасови од стационарните извори на емисии. Ова, како што рече Хоџа, е обврска и од Реформската агенда и Планот за раст.
Меџити упати повик за соработка до граѓанските организации, академската фела и општините, нагласувајќи дека животната средина е колективно прашање кое бара партнерски пристап.
„Аерозагадувањето и отпадот се работа која се имплементира на локално ниво од локалните самоуправи. И затоа ќе се залагам за соработка со општините, бидејќи животната средина е наше заедничко колективно прашање и без да соработуваме сите заеднички, тешко дека ќе можеме да покажеме резултати за нашите граѓани. Како што напоменав за локалната самоуправа и потребата од заеднички и партнерски пристап, истото го повторувам и за меѓународните организации и за нашите домашни граѓански организации и академската фела“, нагласи Хоџа.
Во врска со тоа како ќе ги зајакнуваат контролите, кога се соочуваат со недостиг на инспектори во Инспекторатот за животна средина и дали нешто преземаат во врска со тоа, на брифингот беше посочено дека оваа година ја започнале со двајца инспектори помалку поради заминување во пензија. До Министерството за финансии е испратено дека има потреба од нови вработувања и сега оттаму чекаат колку финансиски средства ќе им бидат одобрени за таа цел. Но и откако ќе се одобрат, новипримените инспектори, не можат веднаш да започнат со работа и контрола, да влезат во големи субјекти, туку треба да почнат според коефициентот на сложеност на работа.
Лани со околу 15 инспектори на располагање направиле 1.772 надзори, издале 530 решенија, седум кривични и 32 прекршочни пријави и иницирале казни од над 600.000 евра. Во систематизацијата имаат предвидено 50 вакви работни места, моментално се пополнети 25, но во просек пораки боледувања, одмори дневно на располагање имаат околу десет инспектори. Повеќе големи градови во државата, како Куманово, Битола, Прилеп немаат ниту еден инспектор, а во градот Охрид, кој е заштитено подрачје на УНЕСКО има само еден и тој ги покрива и Струга и Ресен.






