Минатата недела, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент беше принуден да го одложи гласањето за извештајот за пристапувањето на Македонија во ЕУ. По големиот бугарски притисок врз европските институции и нејзините пратеници, гласањето беше одложено за крајот на месецов.
Ова не е само назадување во пристапот на Македонија кон ЕУ, се вели во соопштението на ЕФА, туку и јасна злоупотреба на институциите на ЕУ за државни, внатрешни националистички интереси. Во ЕФА велат дека сакаат да ја подигнат свеста за овие практики.
„Европскиот проект никогаш не треба да биде загрозен на сметка на националистички цели на земјите-членки. Ние им веруваме на законодавците на ЕУ одговорни за развојот на извештаите и сакаме да ѝ дадеме вредност на нивната работа, која треба да биде ослободена од притисок и уцена.
Бугарската држава одбива да го признае македонскиот идентитет. Ова е главниот проблем што историски влијаел на односите меѓу двете заедници и кој Бугарија го користи за да ја блокира Република Македонија во стартот на преговорите за членство во ЕУ. Без отстапки од Македонија, Бугарија ќе продолжи да ги попречува нејзините европски амбиции.
Не се само односите меѓу Бугарија и Република Македонија турбулентни. Европските граѓани, припадници на македонското малцинство во Бугарија, исто така се соочуваат со државно и полициско малтретирање и дискриминација“, се вели во соопштението на ЕФА.
Припадници на оваа партија го регистрирале ова малтретирање и за време на минатогодишната посета на Бугарија, во периодот на изборната кампања за ЕУ.
„Нашата делегација беше внимателно следена, снимана и надгледувана од полицијата во операција што очигледно имаше за цел да заплаши. Повторно и повторно ги предупредувавме европските институции за овие практики и ќе продолжиме да се бориме за крај на дискриминацијата врз малцинствата.
Во неодамна објавениот ‘Годишен извештај за состојбата со човековите права на македонското малцинство во Бугарија’ на Комитетот за одбрана на човековите права ‘Толеранција’, се заклучува дека Бугарија не ги почитува правата утврдени во Рамковната конвенција за правата на малцинствата, најсеопфатниот договор во Европа што ги штити правата на националните малцинства.
Главното прашање што треба да се реши е признавањето – во овој случај, признавање на постоењето на македонското малцинство во Бугарија.
Бугарија одбива да ги признае Македонците иако меѓународните тела како што се Европскиот суд за човекови права, Комитетот на министри на Советот на Европа и Омбудсманот на ЕУ постојано им препорачуваат да го сторат тоа. Без признавање, не можат да се дадат никакви права и никаква заштита.
Време е Бугарија да го признае македонскиот идентитет. Ова е фундаментален чекор за заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија и за почнување на сериозен и непристрасен процес за Република Македонија да се приклучи кон ЕУ. Изградбата на европскиот проект не може да продолжува да биде загрозен од државни националистички интереси. Време е да се направи чекор напред и да се изгради Европа каде што сите можат да учествуваат во еднакви услови“, се вели во соопштението на ЕФА.